
Украинскиот амбасадор во Германија, Олексиј Макеев, ја поздрави демонстрацијата на единство на Самитот за Украина во Вашингтон, но нагласи дека отстапки од украинска територија кон Русија не доаѓаат предвид, пренесува ДПА.
– Сликите од Вашингтон вчера беа навистина многу добри. Тие покажуваат дека демократскиот свет стои заедно, изјави Макеев во утринската програма на германската телевизија ЗДФ.
На прашањето за можноста Украина да се откаже од дел од својата територија во рамки на мировен договор, тој одговори дека тоа е незамисливо. – Ова не е само за територија. Ова не е компјутерска игра во која можеш едноставно да предадеш парче земја и да продолжиш да играш со клик на глувчето, нагласи тој. – Таму живеат милиони и милиони Украинци, потенцира украинскиот амбасадор.
Неговите изјави уследија по средбата на американскиот претседател Доналд Трамп со украинскиот лидер Володимир Зеленски и со неколку европски лидери во Белата куќа во понеделникот.
Трамп и Зеленски изразија надеж дека пријателските разговори ќе отворат пат за тристран состанок со рускиот претседател Владимир Путин.
Трамп додаде дека САД ќе им помогнат на европските сојузници да обезбедат гаранции за безбедност на Украина доколку се постигне мировен договор за завршување на војната.
Амбасадорот Макеев изјави дека сите прашања ќе мора да бидат предмет на преговори, но изрази скептицизам околу намерата на Москва. – Ќе видиме дали Путин е подготвен да се вклучи или пак повторно ќе се обиде да добие време, рече тој.
– Знаеме дека Русите започнуваат со работни групи, комисии и долги разговори, додаде тој. – Во исто време, Русија продолжува секојдневно да нè напаѓа со бомби и ракети, како што беше пријавено, истакна Макеев.