
Блокадата на евроинтеграциите, вклучувајќи ја нашата, добива димензија и карактер на сериозен безбедносен ризик за регионот на Западен Балкан, но и за ЕУ, оцени денеска претседателката и врховен командант на вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова.
Во обраќањето на Централната свеченост по повод Денот на Армијата, 18 Август, што се одржа во штипската касарна „Јане Сандански“, Сиљановска-Давкова порача дека природата на војната рапидно се менува, а галопирачката трка во вооружувањето диктира поголеми инвестиции во одбраната.
Според неа, важноста на самоодржливста никогаш не била поголема.
Во ова невреме треба час поскоро да почнеме, како што и почнавме, стратешки да ги планираме стредствата и нивната употреба. Надлежните институции треба да размислуваат за долгорочни проекти кои ќе гарантираат самоодржливост и развој на одбраната не само во мирни услови, туку и во амбинет на воена закана и потенцијален конфликт -порача претседателката.
Како што напомена, преку три децении Армијата ја пишува својата приказна како вистински чувар на татковината.
По прогласувањето на независноста во 1991 година, македонската Армија се стави на располагање на државата и граѓаните како гарант на мирот и одбраната, преку континуирана сестрана реформа, помош во справување со кризните и вонредните состојби, поддршка на цивилните институции во справување со елеменатарните непогоди како пожарите и поплавите. Тоа се уште го прави професионално, одговорно и пожртвувано, а доказ за ова е континуираното уживање највисока доверба кај народот – рече Сиљановска-Давкова во обраќањето.
На свеченоста присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, претседателот на Собранието Африм Гаши, пратеници, министри, поранешни министри за одбрана и началници на ГШ, претставници од Сојузот на борците и од дипломатскиот кор. Построени беа и новопромовираните 26 потпоручници и 149 подофицери кои неодамна ги завршија школувањето и обуката, а претседателката Сињановска-Давкова го одликува Центарот за обука на питомци и офицери со Орден за воени заслуги.