Skip to main content

Со 16.000 евра се купува правда: Обвинителство со нов случај

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице, осомничено за кривично дело – примање награда за противзаконито влијание.

Според истрагата, во периодот од април до август годинава, осомничениот примил 10.000 евра за да искористи свое претпоставено влијание и да интервенира за извршување службено дејствие кое не смеело да се изврши – односно наводно да влијае врз одлуки во граѓански судски постапки пред Основниот граѓански суд Скопје и Апелациониот суд Скопје.

Случајот започнал кога управител на едно правно лице, кој бил во судски спор, добил информации дека спротивната страна вршела сериозно влијание врз судиите со поткупи. За да ја провери информацијата, преку пензиониран судија добил контакт од осомничениот, кој му бил претставен како „лице близок со судии од Апелациониот суд Скопје“.

При првата средба, осомничениот директно побарал 16.000 евра за да заврши спорот во корист на фирмата на пријавителот. Дополнително ги уверувал дека другата страна давала уште повисоки суми, но судиите не прифаќале да донесат одлука без правна основа.

Поради неможност да обезбеди целата сума, пријавителот со осомничениот се договорил исплатата да се врши во три рати. На 30 април му предал 5.000 евра, по што осомничениот го уверувал дека исходот на постапката е сигурен. Во наредниот период тие останале во постојана комуникација.

Меѓутоа, пријавителот потоа ја пријавил трговијата со влијание, а при следната исплата од 5.000 евра, осомничениот бил фатен на лице место и лишен од слобода веднаш по примопредавањето на парите.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје денеска достави предлог за определување мерка притвор, оценувајќи дека се исполнети законските услови за тоа.

Поврзани вести