
Македонскиот анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ ќе има премиера во Азија, на 11. издание на „Бакунава“ филмскиот фестивал во Манила, Филипини.
Чест ми е што филмот ќе биде прикажан токму на фестивал кој го носи името на едно моќно и мистично суштество од фолклорот. Пред десетина години работев на проект каде што главниот негативец беше исто така огромна морска змија, па ова го сметам за еден вид митска коинциденција. Инаку, имаме уште неколку селекции во Азија кои дополнително ќе ги објавиме“ изјави режисерот Гоце Цветановски.
Фестивалот го носи името на „Бакунава“ – митска морска змија од филипинскиот фолклор за која се верува дека предизвикува затемнувања на месечината, и е специјализиран за жанровски филмови: научна фантастика, хорор и анимација. Со проекции, работилници и семинари, „Бакунава“ претставува една од највлијателните платформи во регионот за промоција на жанровскиот филм.
„Јон Вардар против Галаксијата“ досега е прикажан на голем број фестивали ширум светот, а освои и две меѓународни награди за најдобар анимиран филм во Италија и Еквадор. Азиската премиера во Манила претставува уште еден значаен чекор во неговото глобално патешествие.