Skip to main content

Литванската влада поднесе оставка по одлуката на премиерот да се повлече

Владата на Литванија поднесе оставка откако литванскиот премиер Гинтаутас Палукас потврди денеска дека се повлекува од функцијата, како што е предвидено во Уставот на земјата, објави ДПА.

Палукас ја објави својата одлука пред неколку дена како одговор на обвинувањата за сомнителни деловни зделки и судир на интереси. Тој сега мора формално да ја поднесе својата оставка до претседателот Гитанас Науседа, кој има 15 дена да му предложи на Парламентот кандидат за премиерската функција.

Владата на Палукас ќе продолжи да ги извршува своите должности додека не се потврди новиот кабинет. Палукас, исто така, поднесе оставка од функцијата претседател на Социјалдемократската партија на Литванија, најголемата политичка сила во Парламентот.

Науседа веќе се сретна со новиот лидер на партијата. Социјалдемократите планираат задутре да изберат кандидат што ќе го наследи Палукас.

Истрагата за сомнителните активности на Палукас доведе до јавни протести и повици за негова оставка, вклучително и од еден од двата коалициски партнери во неговата левоцентристичка влада.

Четириесет и петгодишниот политичар негираше какво било сомнителни активности и ги отфрли обвинувањата како намерни напади од страна на неговите политички противници.

Поврзани вести