Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски на денешната прес-конференција ја повика претседателката на собраниската Комисија за финансирање и буџет Сања Лукаревска да ја свика седницата на Комисијата согласно рокот во Деловникот за Законот за задолжување на Македонија со втор заем кај Унгарската експорт – импорт банка приватно друштво со ограничена одговорност по Договор за заем за буџетско финансирање и финансирање на општи цели.
Собранието со 68 гласови „за“ и 17 „против“, ја усвои потребата по скратена постапка да се донесе Законот за задолжување на Македонија со заем кај Унгарската експорт – импорт банка приватно друштво со ограничена одговорност по Договор за заем за буџетско финансирање и финансирање на општи цели.
Ја повикуваме претседателката на Комисијата за финансирање и буџет, како и нејзиниот партиски лидер Венко Филипче да не тактизираат и веднаш и неодложно согласно рокот во Деловникот, кој е 24 часа по усвојувањето на дневниот ред да ја свикаат Комисијата и доколку имаат забелешки, таму да ги соочиме нашите аргументи преку општа и амандманска расправа. Граѓаните ги памтат нивните лаги и за првата транша, кои времето само ги демантираше една по една. Доколку и овој пат одлучат да избегаат од аргументирана расправа, а да пласираат лаги исто како и за претходната транша од заемот, парламентарното мнозинство ќе ги искористи сите деловнички можности за овој закон да биде изгласан. Граѓаните на Република Македонија не смеат да бидат заложници на една клика на политичари кои за личниот спас, ја ризикуваат финансиската стабилност на целиот систем – рече тој.
Стојаноски ги објасни условите според кои на државата ќе им бидат доделени финансиските средства од вториот заем од Унгарија.
Владата на Република Македонија имајќи го предвид позитивното искуство од соработката со Унгарија во однос на поволните финансиски услови при обезбедувањето на првиот заем за буџетско финансирање и финансирање на општи цели, пристапи кон обезбедување на вториот заем во износ од 500.000.000 евра. Унгарската експорт – импорт банка изрази спремност за доделување на вториот заем и во преговори со истата усогласен е текстот на Договорот за заем кој е даден во прилог на овој Предлог на Закон. Согласно одредбите од Договорот за заем, заемот ќе биде доделен на Република Македонија под следните поволни услови (исти како и за првиот заем). Рокот за отплата на заемот е 15 години, со вклучен грејс период од три години. Каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25%. Заемот ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати, на 15 април и 15 октомври секоја година. Предуслов за склучување на Договорот за заем со Унгарската експорт – импорт банка е усвојување на Законот за задолжување од страна на Собранието на Република Македонија и негово објавување во Службен весник на Република Македонија. Износот на средства од ова задолжување ќе пристигне на сметката во Министерството за финансии на почетокот на јануари 2025 година и овие средства ќе бидат наменети за отплата на обврските по еврообврзницата која е издадена на 18 јануари 2018 година од владата предводена од СДСМ и ДУИ – рече тој.
Стојаноски нагласи дека овие средства од заемот наместо да бидат искористени како тие од првата транша – 250 милиони евра за финансирање на проекти во општините и 250 милиони евра за помош на стопанството под историски поволни услови, ќе бидат искористени за враќање на неповолна еврообврзница од 500 милиони евра, пари кои, како што рече, најголем дел биле испокрадени и потрошени недомаќински