
Американскиот претседател Доналд Трамп рано утрово по македонско време ги објави новите царински стапки за сите земји од светот што досега не постигнаа официјално трговски договор, пред да истече последното одложување на претходно објавените царински стапки, на први август, објави Блумберг адрија.
Македонија официјално има стапка од 15 отсто, исто како за Европската унија, којашто склучи трговски договор само пред три дена, на 27 јули. Првично објавената царинска стапка за македонските стоки од месец април, изнесуваше 33 отсто, што значи дека новата стапка е повеќе од двојно пониска.
Трамп објави минимална глобална царинска стапка од 10 отсто, додека за земјите со коишто САД имаат значителен трговски дефицит, како што изјави, ќе има стапка од 15 отсто па нагоре.
Од европските земји најсилно е погодена Швајцарија, со стапка од 39 отсто, додека од регионот Адрија, Србија ќе има стапка од 35 отсто, Босна и Херцеговина од 30 отсто, а Хрватска и Словенија, како членки на ЕУ, имаат царина од 15 отсто. Црна Гора и Албанија, како и сите останати земји коишто не се наоѓаат на списокот на земји наречен од Белата куќа, Анекс 1, ќе имаат пониска стапка, од 10 отсто.
Од позначајните трговски партнери на САД, Канада доби висока царинска стапка, од 35 отсто, Тајван од 20 отсто, Израел од 15 отсто, Јужна Африка од 30 отсто, Венецуела од 15 отсто, економиите од југоисточна Азија Камбоџа, Малезија и Тајланд добија 19 отсто, додека Лаос и Мјанмар високи 40 отсто.
Претходно, на фамозниот „Ден на ослободувањето“, како што го нарече 2 април, Трамп објави долг список на царини за стоки што пристинуваат во САД од речиси секоја земја во светот, вклучувајќи и покачени реципрочни стапки за одредени држави.
Примената на царинските стапки оттогаш се одложуваше двапати, еднаш за 9 јули, а потоа за 1 август. На почетокот на јули, пак, Трамп почна да испраќа предупредувачки писма дека покачени стапки ќе бидат применети кон повеќе држави почнувајќи од први август. Досега САД објавија дека склучиле договори со неколку држави, но тоа се повеќе како своевидни рамки, додека многу детали сѐ уште остануваат непознати. Досега Трамп објави дека се договорил со Обединетото Кралство, Виетнам, Индонезија, Филипини, Јапонија, ЕУ и Јужна Кореја.
Трговските разговори на администрацијата на Трамп со Кина имаа поинаков тек од остатокот од светот. Втората најголема економија во светот беше сериозно на „трговскиот нишан“ на Трамп од моментот кога тој ја презеде функцијата.