Skip to main content

Шкендија слави во Букурешт: Крстевски стави точка на елиминацијата на славната Стеауа

Шкендија го совлада романскиот шампион Стеауа (ФСЦБ) среде Букурешт со 2:1, со што го потврди триумфот во првиот натпревар во Скопје (1:0) и се пласира во третото коло од квалификациите за Лигата на шампионите.

За ваквиот успех, фудбалерите на македонскиот шампион, на теренот на националниот стадион на Романија, покажаа тактичка и играчка зрелост против фаворизираниот противник.

Првата потврда за таквиот квалитет, тетовските „црвено-црни“ ја покажаа во првото полувреме кога водството на Романците во 28 минута не им ги разниша стабилноста и концентрацијата. Веќе по само пет минути игра, Лиридон Латифи постигна гол, со што го врати резултатот на почеток.

Во второто полувреме, пак, Шкендија прикажа клиника на мудра игра во дефанзива. Му ја препуштија топката и голем дел од теренот на противникот, но умешно ги затвораа сите приоди кон голот. Тоа ги принуди играчите на Стеауа само да кружат пред и околу шеснаесетникот и да се обидуваат со удари од далечина. Само еднаш со нафрлување на петерецот Романците пројдоа, но голманот на Шкендија, Бабукар Гаје, успеа да го скроти противничкиот удар со глава.

Како одминуваше времето, концентрацијата и силата на Романците слабееја, а Шкендија тоа го искористи за се почести и поопасни контранапади.

При една таква ситуација, нивниот најискусен фудбалер, Бесарт Ибраими во 80 минута испушти шанса за да стави тичка кога сосема сам од пеналтикот биеше над голот, иако противничкиот голман практично веќе беше паднат.

Но, тоа што не му успеа на Ибраими, му појде од нога на младиот Ване Крстевски во 87 минута. Тој биеше од 17-18 метри, топката се одби од еден од одбранбените играчи на Стеауа и во параболичен лак го префрли голманот и заврши во мрежата.

Тоа беше знак за голема радоста меѓу фудбалерите и стручниот штаб на Шкендија, но и знак за очај на домашните фудбалери. Тие се обидоа да извршат завршен притисок во обид да направат барем нешто, но дополнителните шест минути судиско надополнување само ја продолжија нивната агонија.

Поврзани вести