
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за обид да изврши – Тешки дела против општата сигурност од член 292 став 1 во врска со член 288 став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот вчера попладне, преку една социјална мрежа, се заканил на лице од Струмица дека ќе му ја запали викендицата, а потоа се обидел заканите да ги реализира. На локацијата брана Водоча се обидел да подметне пожар и да предизвика поголема имотна штета. Со запален факел од хартија и текстил ги запалил гредите на натстрешницата, кои започнале да чадат и да горат. Со тоа предизвикал ризик од пожар не само на објектот, туку и на повеќе други викенд-куќи и на нискостеблеста и високостеблеста вегетација во непосредна близина, соопшти Обвинителството.
Поради опасност од бегство и можност да го повтори односно да го доврши делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор.