Skip to main content

Хеликоптер го гаси пожарот на Плачковица – има сомнение за подметнување

Пожарот на планината Плачковица во атарот на селото Јонузлија во Општина Карбинци се гаси со помош на хеликоптер. Градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов за МИА вели дека пожарот е пријавен утринава и е на непристапен терен, затоа во гаснењето на огнот имаат помош и од воздух.

Хеликоптерот веќе го гаси огнот, веќе направи и два прелета и сметаме дека со уште еден прелет ќе го локализираме. Овде има екипа на Територијалната Противпожарна единица (ТППЕ)-Штип со две возила. Теренот е непристапен и затоа од воздух се гаси. Мислам дека за кратко време ќе го локализираме. Во моментов е од мал обем, вели Паунов.

Тој додаде дека на терен се околу 20 пожарникари, вработени во ЈП „Национални шуми“, доброволци од месното население, кои со метли и пумпи можат да го гаснат огнот, а теренски возила не можат да пристигнат до него. Гори висока трева и нискостеблести растенија. Паунов посочи дека надлежните институции веќе имаат индиции дека пожарот е подметнат, а за што веќе се и истражува.

Поврзани вести