Skip to main content

ОН: Алармантна неисхранетост во Газа, децата се во опасност

Фото: Freepik

Неисхранетоста достигнува алармантни нивоа во воено разорениот Појас Газа, особено погодувајќи ги децата, предупредија Обединетите нации, осудувајќи го ограничениот пристап до хуманитарна помош за жителите на палестинската територија под изолација и израелски напади.

Службата за цивилна заштита на Појасот Газа соопшти дека бројот на смртни случаи кај новороденчиња поради „тежок глад и неисхранетост“ се зголемил и дека имало најмалку три такви смртни случаи изминатата недела.

„Овие случаи не се резултат на директно бомбардирање, туку глад, недостиг на храна за бебиња и отсуство на основна здравствена заштита“, рече портпаролот на службата, Махмуд Басал.

Жителите, ОН и хуманитарните организации редовно објаснуваат дека исцрпувањето на залихите предизвикало нагло зголемување на цените на храната што малку ја има на пазарите во Газа. Светската програма за храна објави на почетокот на јули дека цената на брашното за леб била 3.000 пати повисока отколку пред војната.

Хуманитарната фондација Газа, која е поддржана од САД и Израел, неодамна за хуманитарната ситуација во Газа го обвини палестинското исламистичко движење Хамас, чиј напад на израелска територија на 7 октомври 2023 година ја предизвика војната.

„Тие земаат бесплатна храна, а потоа ја препродаваат. Ја чуваат за своите борци. Ја користат за регрутирање“, наведе организацијата на платформата Икс.

Директорот на Светската програма за храна, Карл Скау, кој ја посети Газа на почетокот на јули, рече дека тоа е „најлошата ситуација“ што досега ја доживеал. 

Агенцијата на ОН за бегалци (УНРВА) вчера соопшти дека има доволно храна за да нахрани повеќе од два милиони жители на Газа повеќе од три месеци, но не ѝ е дозволено да ја транспортира на територијата.

Поврзани вести