Skip to main content

Запалени гуми пуштени да се тркалаат причина за пожарот кај Желино, МВР е на терен

принтскрин ТВ21

Во изминатото деноноќие изгаснати се вкупно 30 пожари, шест се активни, а три се ставени под контрола. Добивме информација за нов пожар, во општина Желино, кој се движи кон тетовско Еребино. Итно е испратена екипа од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје и екипи на ТППЕ Тетово, каде веќе дејствуват на гаснење на пожарот, а набргу ќе пристигнат и две возила на Дирекцијата за заштита и спасување и еден хермелин, изјави денеска Надица Вчкова од Главниот штаб за управување со кризи.

Се уште активен е пожарот во село Нивичино, општина Василево, каде гори нискостебелеста шума. Активен пожар има и во село Грешница, општина Македонски Брод, кој зафатил мешана шума и ниска вегетација. Во општина Прилеп активен е пожарот меѓу селата Царевиќ и Смолани, каде гори мешана шума и ниска вегетација.

Добивме информација дека во општина Сарај има пожар до обиколница, каде гори сува трева. Поради силен ветер, пожарот во Велес меѓу селата Џидимирци – Крушје –  Иванковци повторно е активиран со краци во неколку правци, рече Вчкова.

Под контрола се ставени пожарите во село Николиќ во општина Дојран, пожарите во општина Демир Хисар, во општина Македонски Брод, кај селата Црешнево, Локвица и Крапа, каде постои, како што рече, внатрешно минимално догорување.

Таа информира дека во текот на денешниот ден покрај ТППЕ и екипите на ЈП „Национални шуми“, во гаснењето на пожарот кај селата Царевиќ и Смолани во општина Прилеп ангажирани се и два ер-трактори на ДЗС за воздушна интервенција, а на пожарот кај село Нивичино во општина Васелево интервенираа два хеликоптери, еден на МВР, а еден на Армијата. За поддршка на терен се ангажирани и две специјализирани возила на ДЗС и 15 припадници на специјалните полициски сили.

На пожарот кај село Грешница, општина Македонски Брод испратено е едно специјализирано возило со екипаж од марката „Пинц Гауер“ на ДЗС за поддршка на копнените сили. Кај селата Џидимирци – Крушје –  Иванковци во општина Велес ангажирани се две возила  „Пинц Гауер“, како и 30-тина припадници на Армијата. Дополнително хеликоптер на МВР ќе биде ставен во готовност и ќе интервенира по потреба, во согласност со приоритетите што ќе ги утврди Главниот штаб во текот на денот, појасни Вчкова.

Специјализирани тимови на ДЗС ќе бидат вклучени по проценка на ситиацијата на терен.

На пожарот помеѓу Желино и Еребино дејствуваат еден армиски хеликоптер, еден полициски камион марка МАН со цистерна од 8 тона и воден топ, два пинцгауери, еден хермелин, 30 војници и повеќе екипи на скопската бригада за противпожарна заштита заедно со пожарникарите од ТППЕ Тетово. Два ер трактори ќе полетаат во 16.00 часот, сооптши директорот на ДЗС Стојанче Ангелов.

Неофицијално, според изјавите на тетовските пожарникари, овој пожар започнал од запалени гуми кои се тркалале. Ангелов вели дека МВР работи на расветлување на случајот.

Поврзани вести