Skip to main content
kCV1JmjUHNE

Мицкоски: Со вториот повик од инструментот за капитални инвестиции се склучуваат договори за 828 проекти со вкупна вредност од 225 милиони евра

Денес правиме нов, голем и значаен чекор напред. Денес зборуваме со бројки што тежат, со проекти кои што ќе остават трага, и со дела што ја менуваат реалноста на луѓето. Со вториот повик од инструментот за капитални инвестиции, денес се склучуваат договори за вкупно 828 проекти, во вкупна вредност од 13 милијарди и 868 милиони денари, или приближно 225 милиони евра.

Никогаш досега толку обемна инвестиција во општините ширум државата. Најголем дел од проектите, дури 589 се во областа на транспортот, каде ќе се вложат над 8 милијарди и 105 милиони денари, или 132 милиони евра. Тоа значи нови и рехабилитирани патишта, улици, мостови, локални врски. Тоа значи пристојни услови за живот, еднаков пристап за сите и економски потенцијал за секоја заедница.

Во областа на животната средина ќе се инвестираат над 2,4 милијарди денари преку 143 проекти за почиста вода, канализациски мрежи, управување со отпад, нови паркови. Тоа е грижата за иднината, преточена во дела.

Во образованието, со 48 проекти, вложуваме 1,6 милијарди денари за нови училишта, обновени училници, градинки. Тоа е инвестиција во знаењето, во младите, во иднината. Има проекти и од областа на културата, социјалната политика, спортот, области што ја градат душата на општеството, што носат заедништво и квалитет на живот.

Ова е најголемата инвестициска офанзива за општините, некогаш направена. Не само по бројките, туку по одлучноста и правичноста. Се гради низ цела држава, во сите општини што аплицираа и имаа подготвена документација. Без партиски филтри. Без фаворизирања. Онаму каде што има проект, таму има и поддршка.

Ова е вториот повик. Во првиот беа финансирани 288 проекти. А со пресек заклучно со 1 јули 2025 година: 281 проект е со склучен договор, 146 се воведени во работа или веќе се изведуваат на терен, 113 проекти се целосно завршени, од тие што се на терен, 25 се во завршна фаза, а за уште 6 проекти тече постапка за јавна набавка.

Од план до реализација. Од хартија до градилишта. Нема чекање, нема изговори. Ова е домаќинско управување со парите на граѓаните. Пари што порано завршуваа во нечии џебови, денес се гледаат во објекти, улици, училишта, водоводи.

Од застој и партизација до резултати и реални градилишта. На дело ја покажуваме разликата, од политички спинови до бројки и багери. Македонија не е само Скопје, инвестираме подеднакво во секое село и секој град. Ова не се партиски ветувања, ова се 828 конкретни договори. Не зборуваме само за иднината, туку истата ја градиме секој ден.
Нема да дозволиме ниту еден регион да остане запоставен. Нема да има граѓани од прв и втор ред. Секоја општина е важна. Секој човек е важен.

Ова што денес го правиме, е градење на темелите на промените. Со секој потпишан договор, со секој започнат проект, ја менуваме иднината на Македонија. Во име на народот, и за народот. Доаѓа времето на Македонија.

Поврзани вести