Skip to main content

Челзи на клупското СП заработи 97 милиони евра, ПСЖ седум милиони евра помалку

 Победникот на првото издание на Светското клупско првенство во проширен формат со 32 учесници, англиски Челзи, заработи 97 милиони евра, додека светскиот вицешампион ПСЖ инкасираше 90 милиони евра, јави денеска Би-Би-Си.

Наградниот фонд на Светското клупско првенство изнесуваше околу 856 милиони евра, од кои 450 милиони евра се резервирани за клубовите само за нивното учество, додека 406 милиони евра се распределени врз основа на постигнатите резултати.

Европските клубови заработија меѓу 11 и 33 милиони евра за самото учеството, а тимовите од другите континенти добија фиксен надомест – 12,8 милиони евра за Јужна Америка, 7,9 милиони евра за Северна и Централна Америка, како и Азија и Африка, додека три милиони евра за Океанија.

ФИФА не ги потврди поединечните износи доделени на европските клубови за учество, а Би-Би-Си користеше проценки од веб-страницата за фудбалски финансии „Свис Рембл“ врз основа на системот на коефициенти на клубовите на УЕФА.

Според табелата на Би-Би-Си со вкупните заработки на клубовите по завршувањето на турнирот, Челзи е на првото место со заработка од околу 97 милиони евра, додека ПСЖ заработи околу 90 милиони евра.

Полуфиналистите Реал Мадрид и Флуминенсе заработија 76,8, односно 58 милиони евра, а по нив следуваат германските гиганти Баерн со 49 и Борусија Дортмунд со 44,3 милиони евра.

Шампионот на Океанија, Оукленд сити, инкасираше 3,8 милиони евра, што е седум пати повеќе од вкупниот приход на новозеландскиот клуб остварен во 2024 година

Поврзани вести