Skip to main content

11-годишно дете и маж се тешко повредени откако возилото излетало низ дупка во оградата кај Прилеп

11-годишно дете и маж се здобиле со тешки телесни повреди, откако вчера попладне нивниот автомобил излетал од експресниот пат Прилеп–Градско и паднал околу 40 метри под патот, во населено место.

Детето, според информациите, се наоѓа во критична состојба, додека возачот исто така бил со сериозни повреди. Двајцата повредени се итно префрлени на Клиничкиот центар во Скопје, каде им е укажана лекарска помош. Трето лице, сопатник во возилото, поминал со полесни повреди и е згрижен во болницата во Велес.

Како што информираа од Основното јавно обвинителство Велес, несреќата се случила кога автомобилот марка „Фолксваген Поло“ со скопски регистарски таблички, во остра лева кривина изгубил контрола, удрил во претходно оштетена заштитна ограда и излетал од патот, паѓајќи во длабочина од околу 40 метри.

Јавен обвинител веднаш излегол на терен и извршил увид на лице место, при што издал наредби за технички преглед на возилото, како и проверка на присуство на алкохол кај возачот. Дополнително, подигнати се биолошки и други траги за понатамошно вештачење.

Собраните материјални докази и резултатите од вештачењата ќе бидат искористени за утврдување на причините за несреќата и евентуалната одговорност“, информираат од Јавното обвинителство.

Поврзани вести