
Хамас и Израел денеска меѓусебно се обвинија за блокирање на индиректните преговори за прекин на огнот во Појасот Газа, каде што повеќе од 20 Палестинци денеска беа убиени во израелски напади, според локалната Цивилна одбрана.
Палестински извор близок до преговорите во Доха преку странски посредници го обвини инсистирањето на Израел на планот за повлекување на палестинските сили од Појасот Газа, што Хамас цврсто го отфрла.
Израелските власти потоа го обвинија палестинското исламистичко движење дека одбива компромис и оти води психолошка војна насочена кон саботирање на преговорите.
Војната во Газа беше предизвикана од терористичкиот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година. Како одговор, израелската војска почна разорна офанзива и зазеде големи области од палестинската територија.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во последните денови ги потврди целите на неговата земја: ослободување на заложниците, разоружување на Хамас и негово протерување од Газа.
Преговорите во Доха се соочуваат со сложени пречки и тешкотии, изјави палестински извор, наведувајќи дека Израел се држи до целта која предвидува одржување на израелските сили на повеќе од 40 отсто од копнената површина на Појасот Газа.
Целта на Израел е да натера стотици илјади раселени лица во јужниот дел на Појасот Газа, како подготовка за присилно раселување на населението во Египет или други земји, рекол палестинскиот извор.