Skip to main content

СДСМ ги повлече преостанатите 142 амандмани за ребалансот на буџетот

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски на попладневната седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет во рамки на расправата по ребалансот на Буџетот информира дека ги повлекуваат преостанатите околу 142 поднедени амандмани.

-Сметаме дека во едни вакви услови во коишто имаме од една страна сериозни пожари во државата, не може и не треба да тече нормална дебата, туку треба да се посветиме и на такви активности. Ние доставивме еден допис до претседателката на Комисијата со конкретните амандмани. Најавуваме дека ќе поднесеме два комисиски амандмани кои ќе се однесуваат – едниот на Кочани со одредена сума на пари, и вториот амандман со сума на пари за справување со пожарите, пред се човечките капацитети. На тој начин да ја привршиме целата оваа работа во однос на амандманската расправа за ребалансот на буџетот, рече Спасовски.

Процедурално реагираше пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојановска, која рече дека ова е бегање од реалноста или бегање заради немање аргументи и факти.

-Да, точно е. Деловникот овозможува, дава право на секој пратеник, на секоја пратеничка група да повлече предложено дали законско, амандманско решение по Буџетот. Меѓутоа, ова е првпат вака после поднесени 39 амандмани, два дена амандмански завршени и сега одлучуваат колегите од СДСМ да ги повлечат амандманите. Велат ниту еден не се прифати. И тоа не е точно. Еден се прифати, токму амандман којшто се однесува за градот од каде што доаѓа координаторот Спасовски. И на општата расправа имавме дебата. Вие велите дека краде,е кратиме, ние велиме дека нудиме решенија. Ви го кажувавме тоа. Точно е дека овој ребаланс нуди решенија. Кажавме колку се издвојуваат се плати, за пензии, за капитални инвестиции. Ако одиме по вашата логика, тогаш никогаш во овој парламент опозицијата не би требало да поднесува амандмани на ребаланс или на буџет, бидејќи власта како власт не им ги прифаќа и толку. Ајде да дебатираме и да видиме кој е во право а кој не е. Впрочем, вашите амандмани колку што имавме можност да ви го кажеме, беа доказ за вашите погубни политики или потсетување за она што вие за седум години не сте го реализирање, рече Стојановска.

Поврзани вести