
Пронајдени се докази, а има и сведоци дека пожарот кај Смилковско Езеро е подметнат, открива градоначалникот на Гази Баба Бобан Стефковски, за вчерашниот пожар, кој брзо беше ставен под контрола и угаснат.
Најостро го осудувам овој чин, се надеваме дека ќе се пронајдат сторителите и ќе се казнат, вели тој.
Mинистерот за внатрешни работи Панче Тошковски, по седницата на владиниот Кризен штаб синоќа рече дека причината за ширење на пожарите во најголема мера беа неповолните временски услови и силниот ветер, но и дека за дел имаат основи на сомнение дека се подметнати од човечки фактор близу клучни инфрастриктурни капацитети, патишта, густо населени области и приватни објекти.
Министерот, рече дека, не би можел да открива детали, но посочи дека многу е симптоматично тоа што, како што се неутрализира еден пожар, набрзо почнува втор, трет и сите се поврзани со одредена клучна инфраструктура.
Не сакам да шпекулирам, но морам да напоменам дека можни е да се работи и за едно поинакво сценарио од она, што би било сценарио на случајност. Институциите работат на терен и се надевам дека брзо ќе бидат расветлени сите овие случаи од коишто се предизвикани пожарите, изјави Тошковски, нагласувајќи дека вчера е фатено едно лице што палело со умисла, кое веќе е изведено пред судија на претходна постапка.
Дека дел од пожарите се подметнати потврди и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов, кој откри дека пожарникарите кои учествувале во гаснењето на пожарот во Чучер Сандево на повеќе места нашле запалени палети и им мирисало на бензин.
Тоа апсолутно зборува за намерни палежи затоа што ако ние дојдовме таму по два часа, немаше да ги најдеме палетите, ниту остатоците. Ќе имаше само пепел, рече Анггелов