Skip to main content

Прилепскиот театар со „Чиста куќа“ гостува на Вевчанско лето

Театарот „Војдан Чернодрински“ при Центарот за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп утревечер, на 10 јули, ќе гостува во Вевчани, каде во рамките на Вевчанско Лето 2025, во Домот на културата од 20 часот, ќе ја изведе претставата „Чиста куќа“, од Сара Рул, во режија на Тамара Стојаноска.

„Чиста куќа“, е последна премиера на театарот и е претстава што раскажува длабока човечка приказна за животот и смртта, преку пет различни, но меѓусебно испреплетени ликови.

фото: Центар за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп

Играат актерите: Даниела Иваноска, Наташа Ачански, Катерина Чакмакоска-Клинческа, Јасмина Мицовска Станкоска и Димитар Ѓорѓиевски.

Претставата го пренесува ширењето на емпатијата и начинот на кој се справуваме со траумите од детството — во нашиот случај, преку вицови, како средство за преживување, бегство и поврзување.
„Чиста куќа“ не е само приказна за чистење простор, туку за чистење на внатрешниот емотивен хаос. Авторката потсетува дека не сме совршени, но и дека токму во таа несовршеност се крие нашата човечност.