
Холандскиот премиер Дик Схоф ќе биде повикан да сведочи пред Окружниот суд во Ротердам во рамки на кривична постапка против разузнавач осомничен за оддавање државни тајни на Мароко, соопшти денеска Судот.
Станува збор за поранешен 65-годишен вработен во канцеларијата на Националниот координатор за борба против тероризам и безбедност (NCTV), кој беше уапсен во октомври 2023 година на аеродромот Схипхол додека се обидувал да отпатува за Мароко со голем број уреди за складирање податоци, објави НЛ Тајмс.
Премиерот Схоф, кој претходно раководеше со NCTV, и актуелниот директор на институцијата, Питер-Јап Алберсберг, се повикани како сведоци. Судот наведе дека нивното сведочење би можело да обезбеди „внатрешен увид за улогата на осомничениот во институцијата, неговиот пристап до државни тајни и начинот на ракување со доверливи документи“.
Судењето ќе се одржи пред истражен судија, зад затворени врати и без присуство на јавноста или медиумите.
Осомничениот е обвинет за заговор за предавање информации зачувани на уреди за складирање на мароканските разузнавачки служби. Тој беше во притвор речиси 20 месеци, сè до почетокот на оваа недела, кога беше условно пуштен на слобода.
Судот истакна дека обвинувањата остануваат сериозни и веродостојни, но смета дека обвинетиот може да го дочека понатамошниот тек на процесот на слобода, со оглед на тоа дека истрагата ќе трае долго.
Обвинетиот, познат само како Ел М., ги негира обвинувањата.