
Томас Штокер, потпретседател и генерален менаџер за Европа, Африка и средна Азија на Гентерм, денеска, најавувајќи ја инвестицијата од над 30 милиони евра на оваа компанија, истакна дека за нив ова е значајна инвестиција и оти тоа го прават затоа што веруваат во луѓето и во поддршката на Владата.
Се работи за значајна одлука за нас како компанија, но, исто така верувам дека е значајна и за земјата. Имаме погон во Прилеп, меѓутоа како компанија одлучивме да префрлиме значителна технологија, еден од најсложените проекти, од други погони од Европа, во погонот овде во Прилеп. Зошто го правиме тоа, веруваме во луѓето, во поддршката на Владата. Имавме значителна поддршка во минатото, и ова го очекуваме и во иднина – вели Штокер.
Тој потсети дека во првата инвестиција во земјава најавиле околу 12 милиони евра, а таа потоа се проширила на речиси 70.
Значи, првиот пакет што го направивме пред десетина години, рековме ќе инвестираме 20 милиони евра, а на крајот завршивме со речиси 70 милиони. Сега велиме ќе инвестираме повеќе од 30, но ќе видиме каде ќе завршиме. Секогаш има можности – рече Штокер.
Тој појасни дека ќе исталираат високо автоматизирани линии, а тие, како што нагласи, налагаат висококвалификувани лица.
Знаењето на нашите вработени дефинитивно ќе се зголемат и тоа ќе биде назначаен план за нас овде во Европа – рече потпретседателот и генерален менаџер за Европа, Африка и средна Азија на Гентерм.
Новата инвестиција вредна над 30 милиони евра на глобалниот лидер во автомобилската индустрија Гентерм, која ќе овозможи нови до 300 вработувања, ја најави денеска и македонскиот премиер Христијан Мицкоски. Потенцира дека ова е уште еден показател оти земјава станува сигурна дестинација за долгорочни стратешки технолошки напредни инвестиции.
Со вакви проекти, нагласи, расте индустриското производство, се отвараат нови работни места, се зголемува извозот, а со тоа расте и довербата во нашата економија, расте вредноста на македонското знаење умеење и труд.
Денеска испишуваме уште една важна страница во современата економска приказна на државата. Ја објавувам новата инвестиција на Гентерм – глобален лидер во автомобилската индустрија кој покрај веќе постоечката инвестиција во Прилеп, почнува со план за процес на проширување на производството токму овде. Со овој нов инвестициски циклус се потврдува она што сите го чувствуваме дека Македонија станува сигурна дестнација за долгорочно стратешки технолошки напредни инвестиции – рече Мицкоски на денешната прес-конференција во Владата.
Инвестицијата согласно деловниот план на компанијата, како што појасни, ќе изнесува повеќе од 30 милиони евра, со нови до 300 вработувања.
Според премиерот, станува збор за високоинтегрирани системи во автомобилската индустрија, со нова технолошка опрема автоматизирани линии и современо производство. Ова, смета тој, значително ќе го зголеми извозот, а тоа што станува збор за високо технолошко производство покажува дека сме конкурентни и на тој пазар.