Skip to main content

Андоновски: Дигиталниот паричник за граѓаните е опција, не обврска

Македонија се обидува да биде пионер во регионот со воведување на „дигитален паричник“, кој всушност значи дека сите лични документи граѓаните ќе можат да ги имаат на едно место, истакна вечерва министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

Ова е еден новитет и со тоа сакаме да покажеме дека можеме да бидеме пионери во поширокиот регион и да направиме голем чекор напред. Дигиталниот паричник е опција, алтернатива, а не обврска – за никого нема да биде задолжителен – рече Андоновски во интервју за Топ Тема.

Како позитивен пример ги наведе Украина и Полска.

Тоа е електронска верзија на нашите лични документи, а ние сакаме да изградиме супер апликација по примерот на Диа во Украина и Емобиле во Полска. Апликацијата треба да ги содржи и клучните услуги за граѓаните, со цел сите важни услуги и лични документи да бидат достапни електронски, на едно место – во една супер апликација – посочи Андоновски

Нагласи дека тоа изгледа тешко, но и дека не е невозможно, бидејќи, како што рече, ги имаме сите потенцијали за развој и преку 1.000 студенти кои што излегуваат од факултетите за информатички науки секоја година.

Најави дека тестирањето е планирано за октомври, а во текот на 2026 година дигиталниот паричник ќе им биде презентиран на граѓаните.

Целата операција на преземање податоци треба да се реализира во соработка со Министерството за внатрешни работи – додаде Андоновски

Поврзани вести