
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски очекува буџетскиот дефицит да биде понизок од четири отсто, а веќе наредната година да биде, како што рече „во онаа рамка од 3 отсто, подолу од 3 отсто, која што требаше одамна да ја постигнеме, пред неколку години“. Тој денеска посочи дека во делот на фискалното консолидирање за жал претходната влада ја има испуштено можност, кога сите економии го имаат направено тоа и сега ќе мора оваа Влада тоа да го направи.
-За жал со неразумните трошења на претходната Влада не успеавме тоа да го постигнеме. Она кое што исто така сакам да го кажам, а охрабрува, а кое што го слушнав денеска на состанокот со претставници од Светска банка е дека тие во позитива ја коригираат проекцијата за раст на македонската економија, од 2,8 на 3 отсто, што не е доволно, бидејќи ние мислиме дека според нашите проекции ќе биде 3,5 и погоре, 3,7 зошто да не и 4 отсто, изјави Мицкоски.
Премиерот додаде дека сите индикатори говорат дека една бизнис околина, којашто се креирав без политички притисоци врз бизнисот, со владеење на правото, со жестока борба против криминалот и корупцијата, полека, но сигурно дава резултат.
-Се разбира на препораките на фискалниот Совет, ние сериозно им пристапуваме, ги разгледуваме, ги анализираме и секоја конструктивна забелешка е добредојдена, вели Мицкоски.
Што се однесува за зголемување на пензиите, премиерот Мицкоски одговори дека во ребалансот на буџетот е предвидено зголемување на пензиите, согласно Законот.