
Народот гледа дека оваа Влада се бори сето кое што го распродаде лесно и евтино претходната влада да го поврати, изјави премиерот Христијан Мицкоски, оценувајќи дека опозицијата „нема легитимитет ниту поддршка од народот“ да зборува за широк национален консензус за евроинтеграциите.
Според Мицкоски, додека власта повикува на таков консензус со месеци, опозицијата не бира средства како „позади грб да стават нож во грб“.
– Ние повикуваме на таков консензус со месеци, но гледате додека ние се бориме да го повратиме тоа на меѓународна сцена, тие не бираат средства како позади грб да ни стават нож во грб, мислејќи дека така ќе им се допаднат на тие кои што не и мислат добро на Македонија и на тој начин ќе се вратат повторно и ќе имаат можност да имаат власт. Не иде тоа така, народот не е со кратко помнење. Знаат што се случи изминатите седум години, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на „Реплек“.
Опозицијата, нагласи Мицкоски, ја испушта својата прилика да се консолидира, да се построи во редот на бранители на македонските интереси и на тој начин, колку толку да поврати дел од изгубениот кредибилитет.
-Тие за волја на вистината по два основни правци го губеа својот кредибилитет. Првиот беше овој, за кој што зборувам, а тоа е распродавајќи ја Македонија и нејзините стратешки интереси и вториот со многу крадење и криминал. Тоа беа двата основни столба. Тоа се двете причини зошто секогаш кога ќе му спомнете на народот за опозицијата, тие немаат легитимитет ниту поддршка од народот, ниту пак ќе ја имаат, изјави Мицкоски.
Прашан за коментар на изјавата на лидерот на опозицијата Венко Филипче, дека нема политичка волја за напредок во евроинтеграциите, Мицкоски рече дека не би коментирал „егзибиции на опозицијата“ кои ги оцени како континуитет на нините предавства и порази од минатото.
-Ние како Влада додека се бориме жестоко да ги повратиме позициите кои што тие ги оставија во минатото слободни и ги предадоа националните интереси на државата, тие гледате од зад грб се обидуваат дополнително да ни ставаат товар, но ние сме силни и ќе го издржиме сето тоа. Мислам дека тоа е погрешна политика што ја води опозицијата, мислам дека политиката на свиткана кичма, на предавства, на лесно потпишување договори и слично не доведе до оваа ситуацијата во која што сме, а она што го прави оваа Влада и македонската дипломатија е да ги поврати изгубените позиции, но и на светот да му покаже во суштина што се крие позади сето она што порано беше кажувано како едноставна работа, само да се промени уставот и завршено е се, готово, мед и млеко ќе почне да тече по улиците, птиците ќе пејат, цвеќињата ќе растат и се ќе биде перфектно, а во суштина не е така, во суштина многу длабок е проблемот и ние само малку загребавме на површината и се излезе, така што може и светот и македонските граѓани да видат за што станува збор, изјави Мицкоски.
Прашан за коментар за наводите дека во Извештајот на ЕК се предупредува за т.н. „српски свет“, Мицкоски рече дека не го видел тој извештај, но ги отфрли таквите констатации, посочувајќи дека не верува такво нешто да биде создржано во официјал извештај од страна на ЕУ.
-Кога ќе го видам ќе го коментирам. Но, апсолутно отфрлам таква констатација, и не верувам дека тоа е содржано во некаков официјален извештај од страна на ЕУ, бидејќи би било многу наивно. И од оние контакти коишто јас ги имам со високи претставници на ЕУ, барем откако е оваа Влада, не само што немаме никаква допирна точка со таква констатација, туку напротив ако некогаш во времето постоеше нели онаа иницијатива „Опен Балкан“ барем од кога е оваа Влада, такво нешто нема, бидејќи се изгуби смислата на сето тоа од она што можам јас да го видам, изјави Мицкоски