Руските власти ги блокираа услугите на апликацијата Вибер поради кршење на аконот од страна на операторот, соопшти рускиот телекомуникациски регулатор Роскомнадзор. Според рускиот регулатор, апликацијата, во сопственост на јапонската мултинационална компанија Ракутен, се користела за терористички и екстремистички цели, за продажба на дрога и ширење дезинформации.
Обвинителите го истражуваа Вибер за ширење „информации за дестабилизирање на политичкиот и општествениот поредок во Русија“, објави државната новинска агенција ТАСС.
Вибер засега не ја коментираше блокадата.
Од 2018 година, операторите на комуникациските платформи во Русија мора да ги складираат приватните податоци на корисниците како што се повици, пораки, фотографии и видео и да ги достават до разузнавачките служби доколку им бидат побарани.
Руските власти дополнително ја зајакнаа контролата во земјата од почетокот на војната против Украина. Вибер беше казнет минатата година за дискредитирање на руските вооружени сили.
Русија веќе блокираше голем број популарни апликации за пораки и социјални мрежи. LinkedIn, Facebook, Instagram и Signal не можат да се користат во Русија без VPN (виртуелна приватна мрежа).