
Во организација на CRUISE CULT и Установата Центар за современи уметности – Скопје (ЦСУ), денеска во Паркот на Франкофонијата ќе се одржи четвртото издание на манифестација „CRUISE CULT – The Art of the motorcycle 2025“.
Идејата на оваа манифестација е да ја популаризираме мотоциклистичката култура, како и да се претстави влијанието на мотoциклите врз културниот живот на луѓето во Македонија и регионот. Главен акцент на оваа манифестација е спојувањето на уметноста и мото-културата односно на широката публика сакаме да и ја претставиме уметноста искажана преку мотоциклите и нивната индивидуална нота вметната од самите сопственици, наведуваат организаторите.
Во рамки на програмата на манифестацијата што ќе се одвива во периодот од 12 до 17 часот во Паркот на Франкофонијата – Мобилна / Монтажна галерија, предвидени се: изложба на најдобри примероци на мотоцикли (chopper, customized, cruiser, bobber, trucker, café racer, rat bike, rare, classic.) со по неколку карактеристични примероци во секоја класа, перформанси Airbrush and pinstripe и изложба на скулпторот Озбек Ајваз.
Во музичкиот дел ќе настапат блуз и рок групите In The Mood & Band и Day Off.
За најдобрите примероци на мотоцикли во различни класи ќе бидат доделени награди, вредносни ваучери од спонзори.
Настанот е финансиски поддржан од Министерство за култура и туризам и Општина Центар.