
Демократска Република Конго и Руанда потпишаа мировен договор, со посредничка улога на САД, со цел да се стави крај на конфликтот во источен Конго во кој загинаа илјадници луѓе.
Според Би-Би-Си, договорот би можел да им даде на САД профитабилен пристап до минералните ресурси.
Спогодбата, која ја поздрави американскиот претседател Доналд Трамп, се базира на Декларацијата за принципи договорена во април меѓу двете земји, која вклучува одредби за „почитување на територијалниот интегритет и прекин на непријателствата“ во источен Конго по офанзивата предводена од вооружената група М23.
Спогодбата беше официјално потпишана на церемонија во Вашингтон, во присуство на државниот секретар Марко Рубио и неговите колеги од Конго и Руанда.
Ова е важен момент по 30 години војна, рече шефот на американската дипломатија, додавајќи, сепак, „дека сè уште има многу да се направи“.
Шефот на дипломатијата на Руанда, Оливие Ндухунгирехе, изјави дека договорот се темели на ветување за дефинитивен прекин на државната поддршка на групата ФДЛР и другите милиции.
Ова е само почеток, а не крај, изјави конгоанската министерка Тереза Каџиквамба Вагнер.
Договорот предвидува „распуштање, разоружување и условна интеграција на недржавните вооружени групи“, како и „механизам за заедничка безбедност“.
Конфликтот во источен Конго, кој има корени во последиците од геноцидот во Руанда во 1994 година и борбата за минерални ресурси, ескалираше во најтешкиот конфликт во регионот од војната што се водеше помеѓу 1998 и 2003 година.
Од јануари, М23 ги освои клучните градови Гома и Букаву, постојано нанесувајќи тешки порази на конгоанската армија.
Обединетите нации, западните влади и независните аналитичари тврдат дека Руанда воено ја поддржува М23, вклучително и снабдување со оружје и испраќање војници.
Руанда ги отфрла обвинувањата, велејќи дека нејзините сили дејствуваат во самоодбрана против конгоанската армија и милициите поврзани со сторителите на геноцидот од 1994 година.