
Во рамки на програмата на Скопско лето 2025 на 30 јуни, понеделник со почеток во 20,30 часот ќе се одржи ексклузивниот концерт на Георги Шарески Трио во Сули ан (Стара Чаршија).
Овој концерт претставува извонредна интеркултурна музичка соработка, каде што триото на македонскиот гитарист и композитор Георги Шарески се обединува со врвниот јапонски тапанар Акира Накамура, како и со истакнатиот контрабасист Оливер Јосифовски. Настапот нуди динамична комбинација на автентични авторски композиции, ритмичка прецизност, импровизација и бесконечен џез грув.
Програмата опфаќа внимателно избрани композиции кои ја истражуваат границата помеѓу современиот џез и традиционалната музика, исполнета со енергија, спонтаност и иновативност. Ова е прво гостување на Акира Накамура во Македонија – музичар со светска кариера, кој има соработувано со имиња како Хироми Уехара, David Fiuczynski и BIGYUKI.