Skip to main content

Израелското обвинителство не одобрува двонеделна пауза во судењето на Нетанјаху

Facebook/Benjamin Netanyahu
Facebook/Benjamin Netanyahu

Израелското обвинителство се спротивставува на барањето на премиерот Бенјамин Нетанјаху за двонеделна пауза во неговото судење за корупција, наведувајќи дека бавното темпо на неговото сведочење и претстојниот летен одмор не се оправдани причини за паузата.

Адвокатот на премиерот, Амит Хадад, рече дека Нетанјаху бара пауза за да може да се занимава со „дипломатски, национални и безбедносни прашања од прв ред“ во светлината на неодамнешната војна со Иран, која заврши во вторникот, објави „Тајмс оф Израел“.

Овие прашања, смета адвокатот, вклучуваат „управување со војната во Газа и решавање на прашањето со заложниците“.

Обвинителството во својот одговор истакнува дека „општите причини наведени во барањето не можат да го оправдаат откажувањето на судењето за две недели, особено пред претстојната празнична сезона“.

Обвинителството потсетува дека веќе се направени измени за подобро усогласување на обврските на премиерот, вклучително и овластувањето да сведочи двапати неделно наместо три пати.

Одлуката за ова прашање сега ќе ја донесе Окружниот суд во Ерусалим.

Барањето за двонеделна пауза беше поднесено неколку часа откако американскиот претседател Доналд Трамп побара откажување на судењето на премиерот, нарекувајќи го „лов на вештерки насочен против големиот воен премиер на Израел“.

Нетанјаху се соочува со судење во три случаи на корупција, во кои е обвинет за поткуп, измама и кршење на довербата.

Тој ги негира сите обвинувања, тврдејќи дека тие биле измислени како политички удар од страна на полицијата и канцеларијата на државниот обвинител.

Поврзани вести