
Штипската јавна обвинителка Татјана Кацарова, која се „прослави“ со своето скандалозно постапување во истрагата против суспендираниот шеф на скопското Вишо јавно обвинителство Мустафа Хајрулахи – во која, или со тежок фалсификат, или со клонирање, успеала да испита четири различни сведоци во исто време повторно е актуелна. Како што пишува Плусинфо, Кацарова деновиве е во средиштето на нов скандал.
Веќе е јасно дека на оваа обвинителка ѝ се дозволува да се однесува непрофесионално и неодговорно, затоа што е под директна заштита на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски – коментира Плусинфо.
Според натписот постапувајќи по поднесена жалба за судска контрола над законитоста на дејствијата во јавнообвинителскиот предмет Ко бр. 84/25, кој го води токму обвинителката Татјана Кацарова против осомничениот М.Н. од Штип, за кривично дело Насилство (член 386 став.6 од Кривичниот законик), Јулијана Недкова, судија на претходна постапка во Основниот суд во Штип, утврдила незаконитост во постапувањето на штипската обвинителка, фаворитка на Коцевски. Жалбата ја поднел застапникот на осомничениот, угледниот скопски адвокат Стеван Павлевски. На 19 март 2025 година, обвинителката Кацарова до судија на претходна постапка при Основниот суд во Штип поднела предлог за определување мерка притвор, против осомничениот М.Н., поради постоење на основано сомневање дека тој сторил кривично дело Насилство. Со решение на судијата на претходна постапка, на осомничениот истот ден му е опредена мерка притвор во траење од 30 дена. По барање на јавната обвинителка Кацарова, притворот на овој осомничен му се продолжува во неколку наврати. Во жалбата, адвокатот Павлевски ги набројува сите права на осомничениот кои ги повредила Кацарова. Освен што на бранителите на осомничениот не им дозволила да извршат увид во предметот (изгледа тоа е „стандардна процедура“ во постапувањето на оваа обвинителка), Кацарова сторила уште еден тежок грев – таа го држела во притвор М.Н. повеќе од 70 дена, иако според расположливите материјални докази оваа постапка требало да завши во рок од 8 дена, односно требало да се води по скратена постапка. Имено, со вештачење е утврдено дека оштетениот се здобил со „телесна повреда“, а не со „тешка телесна повреда“, па во таков случај, треба да се води скратена постапка, што ќе рече дека притворот не смеел да трае повеќе од 8 дена.
За вештачење кое е направено на 23.04.2025 година, оваа обвинителка поднела Наредба за вештачење со датум од 24.04.2025 година. Наредбата е издадена еден ден откако вештиот наод и мислењето веќе биле подготвени. Дополнително, во обвинителскиот предмет нема никаков доказ за тоа кога и дали оваа Наредба воопшто е доставена до вештото лице (нема потврда-доставница за примена наредба и потпис од вештото лице на на самата Наредба дека е примена). Но, дури и тука не е крајот на чудата. На доставениот вешт наод и мислење од страна на ОЈО Штип нема приемен печат, за да може да се утврди кога вештачењето било примено во штипското обвинителство.
Судијката Недкова, која очигледно одлучувала професионално и непристрасно, утврдила дека вештачењето е незаконито.
Кацарова е истата обвинителка која на се уште неразјаснет начин успеала во истрагата што ја води против Хајрулахи во исто време да испита четири различни сведоци. Со Хајрулахи разговаравме за обвинителката Кацарова, и за она кое тој многупати го има нагласено – дека таа е под директна заштита на републичкиот обвинител Коцевски.
Јавниот обвинител Татјана Кацарова од Штип очигледно има невидена заштита од Коцевски и од шефот на Вишото јавно обвинителство во Штип штом вака бахато се однесува. Ако сето ова е вистина, мислам на она што е објавено на Плусинфо, и ако навистина судија на претходна постапка констатирал дека Кацарова од Штип работела незаконито по однос на предметот каде во притвор држела некого повеќе од 70 дена со правна квалификација која се однесува на кривични дела каде е предвидена скратена постапка, тогаш навистина не знам што да кажам, освен дека ето ова го прави бидејќи има невидена поддршка од Коцевски – ни изјави Хјрулахи.
Суспендираниот виш јавен обвинител Мустафа Хајрулахи со месеци води правна битка со обвинителката Кацарова, пишува претставки до Советот за јавни обвинители и укажува на незаконитостите во нејзиното постапување. Засега, без никаков успех, бидејќи тој и неговиот колега виш јавен обвинител Јово Цветановски се трн во окото на Коцевски поради познатот случај „Бонусите на СЈО“. Но во однос на актуелниот случај објавен на Плусинфо тој вели дека е за поздравување одлуката на судијата на претходна постапка од Основниот суд во Штип кој донел ваква одлука, бидејќи, како што вели, на оваа октроирана обвинителка некој мора да и застане на патот.
Сведок сум на тоа како ја води истрагата против мене. На уште незавршена истрага, се обиде да ме натера да потпишам изјава за завршена истрага. На недонесена одлука од виш јавен обвинител од Штип, Ристо Бојаџиски,оваа обвинителка веќе ја знаеше одлуката и дента кога на записник поднесов барање за нејзино изземање поради сторено кривично дело фалсификување на јавна исправа – записник за испитување на сбедок, таа рече дека можеме со испитувањето да продолжиме во 12 часот бидејќи Вишото јавно обвинителство до тогаш ќе донесе одлука. А времето кога јас на записник кажав дека имам поднесено барање за нејзино изземање беше некаде 11:30 часот, истиот ден. Тоа значи дека Кацарова била сигурнаљ за тоа каква одлука ќе донесе повисокиот јавен обвинител и од ова заклучив дека правото завршува таму каде што почнува неправото – вели Хајрулахи.
Тој додава дека не го зачудува фактот што судија на претходна постапка донел ваква изджана одлука.
По истиот основ уште утре ќе поднесам жалба до Основниот суд во Штип со сите наводи и пропусти кои ги правела оваа обвинителка во текот на истрагата која се води против мене. Треба Коцевски да одговори дали кон оваа обвинителка ќе преземе нешто или пак неа ја држи за да испорачува нарачани одлуки – коментира Хајрулахи.