
По успешната премиера на 25 јуни, Националната опера и балет ја најавува втората изведба на балетот „Госпоѓа Бовари“, која ќе се одржи на 27 јуни 2025 година, со почеток во 20.00 часот.
Ова балетско дело, поставено во два чина, е инспирирано од безвременскиот роман на Г. Флобер и ја раскажува драмата на женската душа – копнежот по страст, слобода и нејзиниот трагичен судир со општествените норми.
Диригент е Едуард Амбарцумјан од Ерменија, кореографијата ја потпишува Виктор Ишчук од Украина, кој со прецизност и современ израз го доловува духот на 19 век, додека музичката подлога е составена од дела на К. Сен-Санс, М. Равел, Ж. Масне, Ф. Менделсон и Г. Ф. Хендл, сценографијата и костимографијата се на Андреј Злобин и Гана Ипатиева од Украина, светло дизајн, Милчо Александров, а концерт-мајстор е Климент Тодороски, пијанист: Андреја Наунов, генерален менаџер на проектот: Киро Павлов
Особено значајно е што оваа претстава е посветена на примабалерината, Марија Кичевска Шокаровска, која со својата уметничка кариера остави неизбришлив печат во историјата на македонскиот балет.Таа ќе ја толкува главната улога на Ема Бовари, во останатите улоги ќе настапат, Франциско Хименез Руиз (Шарл Бовари), Балаж Лочеи (Рудолф Буланже), Дмитро Чеботар (Трговецот Лере) и Ендру Кук (аптекар) заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
Во фоајето на МОБ e поставена изложба со фотографии од Марија Кичевска Шокаровска – по повод 25 години уметничка кариера. Изложбата опфаќа внимателно селектирани фотографии од нејзините највпечатливи настапи низ годините, претставувајќи ја нејзината еволуција како балерина, емоциите на сцена и клучните моменти од нејзиниот творечки пат. Посетителите ќе имаат ретка можност да ја доживеат магијата на балетот низ објективот на времето.