Skip to main content

Вечер на Скопско лето детската претстава „Куќа на духовите“ и концерт на ансамблот „Арт Нет“

Во рамките на фестивалот „Скопско лето“, вечер во Театарот за деца и младинци ќе се одигра детската театарска претстава „Куќа на духовите“. Исто така, ансамблот „Арт Нет“ од Србија во Музејот на македонската борба за самостојност вечер ќе ја претстави концертната изведба на првото сценско дело на Џакомо Пучини – Le Villi, со либрето на Фердинандо Фонтана.

Автори на театарската претстава „Куќа на духовите“ се Горјан Милошевски и Дејан Дамјановски и истата е во режија на Деан Дамјановски. Сценографија е на Филип Коруновски, а костимографија на Елена Вангеловска.

Улогите ги играат Ангела Димитрова, Петар Стојанов, Мики Анчевски, Винета Дамческа, Никола Наковски, Емра Куртишова, Симона Спировска и Марија Ѓорѓијоска.

Куќата на духови замислете ја како еден возбудлив дел од голем забавен парк. Во неа ве очекуваат непредвидливи случки и смешни стапици. Заедно со Јаков и Веда, сите одиме на пат во кој тие совладуваат неверојатни пречки. Низ тој пат следиме уникатна и многу забавна битка меѓу доброто и злото, соопштија од Дирекцијата за култура и уметност.

Во однос на концертната изведба на првото сценско дело на Џакомо Пучини – Le Villi, со либрето на Фердинандо Фонтана, станува збор за кратка, но драматично интензивна опера, првпат изведена во 1884 година во Милано, и ги носи слушателите во светот на мистичните вили и трагичната љубовна судбина на Ана и Роберто.

Роберто – Стефан Каранец – тенор, Ана – Наташа Јововиќ – сопран, Гуглиелмо Вулф – Берислав Јерковиќ – баритон, Вилхелм Вулф – Берислав Јерковиќ – баритон и Владимир Вања Шчепановиќ – пијано.

Поврзани вести