
Доживотна казна затвор им беше изречена денеска на обвинетите Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се товареше дека давал информации за движењето на неговата ќерка, е ослободен од обвинение.
По образложување на делата за кои се товарат и настаните од грабнувањата и убиствата на Вања и Панче, судијата Ивица Стефановски изрече единствена казна доживотен затвор за Манев, Видевски, Кешишев и Палевски, додека, за таткото на Вања посочи дека се ослободува од обвинение.
Судот на обвинетите Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев и Љупчо Палевски за кривичното дело грабнување им утврдува казна затвор од по 10 години, а за кривичните дела убиства на секој од обвинетите поединечно им утврдува казна затвор доживотен затвор, со што им се утврдува единствена казна доживотен затвор, образложи судијата Стефановски при денешната објава на пресудата во Основен кривичен суд Скопје.
Александар Ѓорчевски, пак, се ослободува бидејќи Јавното обвинителство не докажало надвор од разумно сомневање дека го сторил делото.
Следете во живо:
Во обвинението стои дека обвинетите заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде неговото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес