
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека изградбата на брзата пруга на Коридор 10 е стратешки проект со економска оправданост за идните генерации со кој ќе се зголемат значително приходите на Македонски Железници.
Мицкоски вели дека со договорот за стратешко партнерство со Обединетото кралство се обезбедуваат стратешки инвестиции за идните генерации како што се изградбата на брза железница, болници, но се разговара и за изградба на Чебрен и Галиште кои се од големо значење од повеќе аспекти.
Пресметавме дека со таков тип на пруга не брза, побрза од сегашната каде што карго возот просечно ќе се движи повеќе од 110 километри на час, ќе се зголеми бројот на композициите кои ќе транзитиарат, а со проширениот капацитет на пристаништето во Грција и со брзата пруга ќе се зголеми и бројот на композиции кои ќе транизитираат дневно. Сето тоа во одредена мера ќе доведе до десеткратно зголемување на приходите на Македонска Железница Инфратсруктура и Транспорт. Само „Коско“ ќе го зголеми својот транзит на контејнери за пет проценти, рече Мицкоски во интервју за јавниот сервис по повод една година Влада.
Економската оправданост, посочи, можеби во мојот мандат нема да се случи, но ова е стратегија и мора ние да се држиме до неа бидејќи имаме стратешко партнерство со многу важни велесили, САД и Обединетото Кралство кое сега доаѓа на Балканот преку нас.
Што се однесува со резервоарите за вода, премиерот Мицкоски посочи дека се преговара дел од средствата да се употребат за изградба на хидроцентралите Чебрен и Галиште.
Пресметуваме внатрешна стапка на поврат на колкав временски период ни е потребно да ги искористиме овие средства за на крајот од денот имаме профит. Ова се стратешки проекти за идните генерации, два резервоари за вода, но не само за пиење, туку и за наводнување за Тиквешкиот регион кој произведува прекрасно грозје и вино, што е одлична прилика за добар туризам промоција на македонска кујна и вино. Морате да размислувате стратешки ако сакате да правите големи крупни чекори. Размислувавме стратешки и имаме 21,1% раст на туризмот во овие 4 месеци споредено со лани тие 4 месеци, рече премиерот Мицкоски.
Во однос на темата задолжување со договорот, премиерот Мицкоски појасни дека ништо не е задолжена Македонија и како што рече, ако ги гледате податоците долгот е намален, а ниту ќе се задолжи.
Теоретски утре да почнеме да градиме првата фактура ќе стигне 2027 година, колку брзо ќе градиме и ефикасно така ќе расте нашиот бруто домашен производ, во градежништвото барем три пати се вртат парите, расте градежништво, расте индустриско производство, растат услуги итн. Како ќе расте нашиот БДП така ќе се повлекуваат средствата, нема да ги повлечеме да стојат на сметка и да кренеме долгот без да го креваме БДП. Ве уверувам дека ќе имаме намалување на долгот. Се е на транспарентен начин, а Обединетото кралство ни гарантираат со нивниот кредитен рејтинг, рече премиерот Мицкоски.
Потенцира дека се е на транспарентен начин, Министерството за финансии веќе се обрати до 20-ина финансиски институции и банки, а за финансиите што ги бараме за нас гарантира Обединетото Кралство.
Обединетото Кралство за нас гарантира со нивниот кредитен рејтинг, кој е трипати А, што значи дека нивните услов на меѓународниот пазар на пари се два до три пати подобри од нашите, рече тој.