
Македонскиот ракомет и следната сезона сигурно ќе има барем еден претставник во Европската лига на ЕХФ, откако Вардар доби директно место во групната фаза. „Црвено-црните“ профитираа од тоа што Еурофарм Пелистер доби вајлд-карта за настап во Лигата на шампионите, што им го отвори патот кон второто по ранг европско натпреварување.
Најтрофејниот македонски клуб, кој заврши како втор во домашниот шампионат, со нетрпение го чекаше епилогот околу статусот на Пелистер, а откако тој беше позитивен, Вардар доби и официјална потврда дека ќе биде дел од групите во ЕХФ Европската лига.
Сè уште се чека одлуката на Европската ракометна федерација околу Алкалоид, кој како освојувач на ЕХФ Европскиот Куп има шанса исто така да добие директно место во Европската лига. Тимот од Автокоманда веќе достави барање и сега го чека одговорот од раководството на европската ракометна куќа.
Конечниот список на екипите што ќе учествуваат во групната фаза и квалификациите на Европската лига ќе биде познат на почетокот на јули.