
Во текот на мај, во државава пријавени сe вкупно 902 заболени лица од акутни заразни заболувања – без Ковид-19, грип, туберкулоза, СИДА, АФП и хронични носителства на хепатит Б и Ц и ХИВ со вкупна инциденца од 49,1 на 100.000 жители. Во текот на мај се бележи намалување на вкупниот број на заболени лица за 20,0 проценти во однос на претходниот месец април. Во текот на мај, најчесто регистрирано акутно заразно заболување се овчите сипаници со вкупно 445 пријавени лица, се наведува во најновиот месечен билтен за движење на заразните заболувања на Институтот за јавно здравје, објавен попладнево.
Во однос на претходниот месец април, се регистрира намалување на бројот на пријавени од овчи сипаници за 22,6 проценти, во однос на месец мај, пак, 2024 година се регистрира намалување за 46,8 отсто.
На второ место по број на пријавени заболени во месец мај се ентероколити, со 313 случаи.
– Во вкупниот број на заболени во месецот учествуваат со 34,7 проценти, а во групата на десетте најчести заразни заболувања за овој месец учествуваат со 35,3 отсто. Во однос на претходниот месец април 2025, се регистрира намалување на бројот на заболени лица од ентероколити од 21,6 проценти, додека во однос на месец мај 2024 се регистрира зголемување за 15,9 отсто, се појаснува во извештајот.
Евидентирани биле и 13 случаи на инфективна мононуклеоза, 11 случаи на скарлатина, по два случаи на голема кашлица и пнеумококни инфекции и по еден случај на заразни заушки, легионерска болест и менингококна болест. Потоа, пријавени биле и 47 случаи на салмонелози, 13 случаи на бактериски алиментарни инфекции и интоксикации, четири случаи на кампилобактериоза и два случаи на листериоза. Пријавени биле и 34 случаи на шуга, два случаи на бактериски менингит и еден случај на вирусен менингитис.
– Во групата на сексуално и крвно преносливи инфекции – без ХИВ/СИДА, регистрирани се осум заболени лица и тоа пријавени се четири случаи на инфекција со хламидија, два случаи на сифилис и по еден случај на вирусен хепатитис Б и гонореа, се додава во извештајот.
Во групата на зоонози, во месец мај регистрирани биле два случаи на лајшманиоза.
– Во текот на месец мај, пријавени се три случаи потврдени на ХИВ и два случаи на СИДА, четири од машки и едно лице од женски пол, кои припаѓаат на возрасната група од 20 до 59 години. Регистриран е еден смртен случај од СИДА, претходно, пријавен како заболен во 2023 година, појаснуваат од Институтот.
Кога станува збор за вакцино-превентабилните болести, во месец мај регистрирани биле шест случаи со инциденца од 0,3/100.000 жители.
– Регистриран е еден случај на вирусен хепатитис Б кој според возраста не подлежи на имунизација согласно Kалендарот за задолжителна имунизација во Република Македонија и не е вакциниран против оваа болест. Дијагнозата е потврдена лабораториски. Пријавен е еден случај на заразни заушки од Тетово, дете на шестгодишна возраст, кое не e вакцинирано со МРП-вакцина. Болеста е докажана клинички. Во групата на вакцино-превентабилни болести, пријавени се два случаи на голема кашлица, од Скопје. Од ново пријавените случаи, еден е дете на деветмесечна возраст, вакцинирано со две дози на вакцина што содржи компонента против голема кашлица, додека вториот случај е возрасно лице на 57- годишна возраст со непознат вакцинален статус. Двата случаи се лабораториски докажани. Пријавени се и два случаи на инвазивна пневмококна инфекција со дијагноза пневмококен менингитис односно менингоенцефалитис. Првиот случај е на возраст од 13 години, а вториот на возраст од 47 години. Двајцата според возраста не подлежат на имунизација согласно Kалендарот за задолжителна имунизација во Република Македонија и не се вакцинирани против оваа болест. Дијагнозата е лабораториски потврдена, се додава во извештајот.
Минатиот месец пријавени биле вкупно шест случаи на Ковид-19 во државава. Од заболените во мај, три случаи се од Скопје, два случаи од Тетово и еден случај од Битола
– Во текот на месец мај, регистрирани се два смртни случаи од акутно заразно заболување – без Ковид-19, грип, туберкулоза, СИДА, АФП и хронични носителства на хепатит Б и Ц и ХИВ. Првиот случај е лице починато во април, но пријавата за смрт од заразна болест е пристигната во мај. Станува збор за лице на возраст од 47 година, од машки пол со Dg. Meningoencephalitis pneumococcica од Струмица. Лицето е хоспитализирано на КИБФС на 20 април, а починало на 26 – истиот месец. Вториот случај е лице од машки пол, од Прилеп, заболено и пријавено во април. Станува збор за лице на возраст од 78 години, со Dg. Meningoencephalitis, со пропратни коморбидитети. Пациентот бил хоспитализиран на КИБФС на 21 април, а починал на 18 мај. Во ликворот на пациентот е детектирана Listeria monocytogenes, истакнуваат од Институтот за јавно здравје.
Во мај, на групни пријави за грип во државава, пријавени биле вкупно 158 заболени лица.