
Емоционалната реалност, во којашто се потопува актерот преку личното паметење и внатрешните мотиви, нѐ тера да веруваме дека театарот е преживеана вистина за пред очите на публиката. Театарот е место каде што невидливото станува видливо, според Питер Брук, стои во образложението на жирито на МТФ „Војдан Чернодрински“ со кое се наградува претставата „12 на МНТ.
Јас верувам дека секоја претстава е едно патување и истражување истовремено кон непознатото и необјаснивото во човечкото суштество.
Во „12“ во актерската работа има внатрешна вистина за преживување, психолошка праведност и ме плени актерската органика. За мене „12“ е исклучително актерско достигнување на секој актер од екипата, а притоа секое достигнување, освен за системот на Станиславски, ми дава претстава и за методата на Ли Стразбер (би рекла by the book) во однос на автентичниот живот на сцена.
За мене и до денес, независно од моето долгогодишно искуство како режисер во различни културни идентитети, човечкото во човекот преку играта театар и актерот останува необјасниво чудо. На кој начин актерите се возбудуваат и се инспирираат да нѐ пренесат во различни светови, за мене останува голема тајна до денес.
Актерската работа на екипата во претставата „12“ ми зборува за театарското постоење тука и сега, но ова не е само реченица. Секој од овие бескрајно талентирани, но и бескрајно различни актери нѐ вовлекуваат со своите посебни вештини во сопствениот свет, но впечатливо е, исто така, и партнерството меѓу нив, без да има борба за надигрување.
Животот што го создава актерскиот ансамбл на „12“ е како филмска сцена во еден кадар – во овој театарски one shot-актерите постигнуваат совршена органика и во партнерството и во градењето на ликот преку перипетиите на сижето. Секој од овие актери, коишто на различен начин се дел од историјата на современиот македонски театар, сјае со својата автентичност како исклучително актерско присуство. Исклучителното актерско достигнување, без егоцентризам, на секој од актерите, е поврзано со восхитувачка согласност и навистина прави како да се руши четвртиот ѕид, но не на сцената и не по Станиславски, туку во салата за седница во „12“ и прави како со скриена камера да гледаме и да преживуваме еден вистински живот, што е врвно достигнување за театарскиот чин воопшто.
Секој актер е дел од ова исклучително актерско дело, кое создава енергија и атмосфера што на публиката ѝ дава чувство како да се воајери. Парадоксалното е дека личното присуство на сите овие талентирани актери ни создава престава за театарското како средство за јавна осаменост. За мене, театарот е првиот медиум. „12“ ни дава не само естетска наслада од играта туку и неопходност и верба дека треба да го преживуваме театарското дејство, кое ќе остане вечно живо.
Театарот како уметност на животоисполнување, која го истражува човечкото суштество преку сите архетипни ситуации, дури и во време кога исчезнуваат медиуми и неопходноста на помладите поколенија од книги, ќе остане како медиум што ќе ја раскажува приказната за човекот на филозофски, психолошки, поетски и естетски начин.
Моите учители се тие што се вградија во мене. Не можам да ја заборавам првата реченица што ми ја кажаа на првиот час на Академијата: режисерот е тој што создава ситуација.
Секоја чест за: Синиша Ефтимов, Ѓорѓи Јолевски, Гораст Цветковски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Благој Веселинов, Александар Микиќ, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Нино Леви, Оливер Митковски, Владо Јовановски, Сашко Коцев, рече Лилија Абаџиева, режисер, претседател на жирито на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп