
Создаваме институции кои служат на народот. Државни органи кои ќе ја штедат најскапата валута на денешницата – времето на граѓаните, изјави Тони Јаревски, пратеник на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Го стеснуваме просторот за корупција, а го зголемуваме пристапот до услуги и создаваме систем што не зависи од расположението на шалтерот, туку од квалитетот на технологијата. Со гордост сакам да ви соопштам дека вчера, на Комисијата за транспорт и дигитална трансформација, 4 клучни закони кои се однесуваат на дигитализација на државните служби и услугите кон граѓаните, го поминаа првиот собраниски филтер.
Законот за електронски комуникации, Законот за безбедност на мрежи и информациски системи, Законот за архивски материјал, како и Законот за електронски документи и електронска идентификација.
Со ова, Собранието даде зелено светло за владата да ја направи најтемелната трансформација на односите, односно начинот на кој комуницираат граѓаните и државните органи.
Со овие реформи, граѓаните ќе можат од својот дом да симнат и испечатат документи кои ќе имаат правна важност еднаква како оние издадени на шалтер, документи кои ќе содржат QR-код како безбедносен елемент и доказ за автентичност.Се воспоставува и целосен инспекциски надзор над дигиталните услуги, со јасно утврдени 22 задолженија на инспекторите кои ќе дејствуваат под капата на новото Министерство за дигитализација односно за дигитална трансформација. Предвидените глоби за институциите што нема да ги прифатат дигиталните документи се јасен сигнал дека дигиталната реформа не е опција, туку обврска.
Поради важноста на овие реформи, да бидат спроведени на квалитетен и транспарентен начин, на следната седница на Комисијата за транспорт и дигитална трансформација ќе договориме и јавна расправа за овие закони. Се со цел, во овој сериозен државен зафат да ја вклучиме експертската и стручната јавност, како и да ги интегрираме нивните предлози и сугестии – потенцира Јаревски.
Јаревски додаде дека, ВМРО-ДПМНЕ ја создава инфраструктурата на иднината, а со тоа забрзано ја движиме државата кон модернизација и зголемена доверба во институциите. Ова не се ветувања. Ова е новата реалност. Ова е новото лице на јавната услуга: ефикасна, сигурна и достапна.