
Прилеп е градот на мермерот, а јас сум мермерот меѓу глумците. Од мојот материјал може да се направи многу добар споменик, кажа синоќа на отворањето на 59. издание на Македонскиот театарски фестивал (МТФ) „Војдан Чернодрински“ актерот Гоце Тодоровски, еден од тројцата добитници на наградите за животно дело кој измами огромни аплаузи и со својот говор за насмеа публиката во салата на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.
Покрај Тодоровски, Фестивалот ги награди и актерките на Македонскиот народен театар (МНТ) Снежана Коневска – Руси и Соња Михајлова од Народен театар Битола. Сите беа емотивни во своите говори, благодарни за наградата која го вреднува нивниот ангажман во театарот сите изминати години.
Мене ме викаат мајстор на импровизации, вие тоа многу добро го знаете. Заедно со Ванчо Петрушевски, кој за жал прерано почина, бевме мајстори на импровизацијата. Во „Солунски патрдии“ јас остарев буквално, имав 29 години на премиерата и ја играв до 50 години. Имам снимено преку 600 народни приказни, имам минутажа поголема од Џон Вејн и Марлон Брандо заедно пред камера. Актерот цел живот кажува туѓи зборови, ама добриот актер туѓите зборови ги прави да се свои. Тука е успехот на добриот актер, да ги земеш зборовите и самиот да бидеш тој лик. Најголемата глума е онаа глума која додека глумиш, воопшто да не глумиш. Благодарам на вас, драга публико – рече Тодоровски.
Колку животи изживеав на сцената, во животот само една. Кога ќе стапнам на сцената и имам некоја задача, чувствувам дека постојам, рече актерката Снежана Коневски – Руси.

Со вашиот аплауз најпостојано постојам. Заедно со мојот театар остарев, влегов во осмата декада, како што и тој одбележува 80 години. Радиото, првата љубов на Снешка одбележува 80 години. И еве посакувам и Македонскиот театарски фестивал да доживее над 105 години. Благодарам до фестивалот и благодарам до Никола Кимовски, иницијаторот за мојата награда – рече Коневска – Руси.
Оваа награда за мене вреди и е тешка колку што вреди и овој театарски фестивал – празник на театарската уметност, празник на театарските уметници, како дел од културниот идентитет на Македонија. За мене тоа е највредното, рече актерката од Битолскиот театар, Соња Михајлова.
Има 40-ина години од моето дружење со театарот и во театарот. Сите изминати години за мене ова е возбудлива авантура на умот, срцето. Како што театарот има и светла и темна. Светлата – предизикувачка, да се креира лик потрага по некоја сценска вистина. Другата страна е онаа потемната – предизвикувачката која во земја како Македонија постојано е предизвикана од промени, трансформации и кои неизбежно овие 40 години што ги носам на театарската сцена оставиле и белег и некоја лузна и врз срцето и умот – рече Михајлова.

Триминутен предизвик за своите обраќања добија Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот, Зоран Љутков, министер за култура и туризам и Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.
„Смеј се и осмели се“ е мотото на овој фестивал. И како што го одлучив мотото, така почнаа и смеењето и осмелувањето. Од затворањето на театарските сцени овде до секојдневните предизвици во процесот на организирање на фестивалов. Се надевам дека барем до крајот на мојот мандат, до следната година, ќе покажеме дека најважно за фестивалов е да работиме сите заедно за него. Мојата благодарност е до сите што придонесоа денес да го отвориме 59. МТФ „Војдан Чернодрински“ овде во Прилеп. Драги волонтери, годинава сте во најголем број, со што докажуваме дека си имаме доверба едни во други и дека Прилеп е навистина град на театарската младост. Драги пријатели на фестивалот, без вас оваа моја визија за цел град-театар немаше да се оствари, ви благодарам! Драга публико, ти посакувам задоволство од одгледаните претстави и годинава имаш можност да ја наградиш омилената претстава и бескрајно ти благодарам за постојаната поддршка – рече уметничкиот директор на фестивалот, Ана Стојаноска.

Градоначачникот на Прилеп Борче Јовчески кажа дека Фестивал е многу повеќе од културен настан. Тој е срцето на летото во Прилеп.
Тој носи живот во улиците, разговори по претставите, полни тераси, нови познанства, гости од целата земја и пошироко. Тој носи економски придонес, но уште поважно – носи дух и гордост, истакна градоначалникот на Прилеп кој им ги врачи наградите на лауреатите.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков го прогласи Фестивалот за отворен.
Преубаво е чувството да се биде вечерва во Прилеп – градот под Марковите кули, кој со својата душа и историја, секоја година нè потсетува што значи да се верува во моќта на сцената, на зборот, на емоцијата, на тишината. Има нешто свето во таа тишина што се спушта пред да се крене завесата. Таа тишина… ја знам. Ја носам во себе уште од првиот пат кога застанав на сцена. Тоа не е само тишина, тоа е срцебиење, трепет, повик да се биде храбар. Да се зборува. Да се оживее приказната. Убеден сум дека нема поубав начин да го започнеме овој свечен настан, од тоа да се потсетиме на зборовите на човекот чиј лик и дело стојат зад името на овој фестивал, таткото на македонскиот театар, Војдан Чернодрински, кој рекол: „Театарот е огледало на народот“. Фестивалот годинава се одвива под слоганот „Смеј се и осмели се!“. Знам дека тој не е случаен и е многу повеќе од убава фраза. Тој е поука, можеби и лекција. Во него е заклучена суштинската порака: дека театарот, дури и кога нѐ засмева, зборува сериозно. А кога нѐ осмелува, станува средство за промена – рече Љутков.
Фестивалот беше отворен со изведбата на „12“ во режија на Синиша Евтимов на МНТ, за која денес на пладне се организираше и тркалезна маса.

Од денес на фестивалот започнува и програмата „Драмолетање“ во која млади драмски автори ќе имаат можност да се промовираат со нивни дела, да се сретнат со директори на театри и други професионалци од светот на театарот. Идејата е да новата драма да се приближи што повеќе до театарските сцени во земјава.
Вечерва на програмата на фестивалот е Народниот театар од Битола со претставата „Црно семе“ од Ташко Георгиевски во режија на Андреј Цветановски во 19 часот во Центарот за култура. Улогите ги толкуваат: Мартин Мирчевски, Огнен Дранговски, Васко Мавровски, Никола Стефанов, Петар Спировски, Никола Пројчевски, Хари Михајловски, Александар Стефановски, Петар Горко, Борче Ѓаковски, Живко Борисовски и други.
Од 21 часот следува монодрамата со актерот Игор Ангелов, „Сите најубави нешта“, што ќе се игра во галеријата во „Марко Цепенков“. Претставата е на „ОХО Продукција“ и е во режија на Дејан Пројковски.
Покровители на фестивалот се Министерството за култура и туризам и Општина Прилеп.