Факултетското студентско собрание на Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје (ФСС ФВМС), свечено го одбележа Меѓународниот ден на ветеринарната медицина со посебен настан организиран во Студентскиот културен центар во Скопје.
Настанот, ги обедини студентите, професорите и експертите во оваа област, истакнувајќи го значењето на професијата доктори по ветеринарна медицина во глобалниот здравствен екосистем. Учесниците преку предавања, дискусии и интерактивни активности ја споделија својата визија за иднината на ветеринарната медицина.
Навистина е инспиративно да се види ентузијазмот на студентите. Овие активности покажуваат дека Докторите по ветеринарна медицина се вистински херои, посветени на заштита на здравјето на сите нас,“ изјави продеканката за настава на ФВМС, проф. д-р Ксенија Илиевска.
Програмата на настанот вклучи инспиративни предавања подготвени од страна на студентите заедно со предметните наставници, кои ги споделија своите знаења за актуелните предизвици во ветеринарната медицина како што е борбата против зоонозите (болести кои се пренесуваат од животни на луѓе), превенција и контрола на заразните болести кај животните, безбедноста на храната, како и одржливо управување со добитокот и животната средина.
Меѓународниот ден на ветеринарната медицина претставува уникатна можност да ја подигнеме свеста за тоа колку е важна оваа професија. Докторите по ветеринарна медицина не се само доктори за животните – тие се клучни за зачувување на здравјето на луѓето, природата и целиот екосистем,“ потенцираше Матеј Александровски, претседател на Факултетското студентско собрание при ФВМС.
Покрај предавањата, беа организирани интерактивни работилници каде студентите можеа да учат преку практична примена. Една од најпопуларните активности беше симулацијата на ветеринарен преглед, каде што учесниците добија увид во секојдневната работа на докторите по ветеринарна медицина.
Многу сум горд на нашите студенти. Тие вложија огромен труд во организацијата и покажаа дека ветеринарната медицина има светла иднина,“ истакна Александровски.
Настанот заврши со силна порака – Докторите по ветеринарна медицина се многу повеќе од лекари за животни, тие се чувари на здравјето, клучни за спречување на болести и заштита на целиот екосистем