Од двете страни беа дадени уверувања за безбедноста на финалните натпревари и заштитата на фер-плејот. Сопствениците на двата кошаркарски клубови гарантираат, и со нивното присуство во салите, непречено одигрување на натпреварите, рече алтернативниот министер за спорт на Грција Јанис Вруцис по одвоени средби со сопствениците на грчките кошаркарски клубови Олимпијакос и Панатинаикос, јави дописничката на МИА од Атина.
По инцидентите во неделата, со одлука на Владата беше одложен денешниот трет натпревар од финалето меѓу Олимпијакос и Панатинаикос во кошаркарското првенство, а надлежниот министер за спорт ги повика на средба сопствениците на атинските клубови.
Наместо заедничка, се одржаа две одвоени средби, Вруцис нешто повеќе од еден час разговараше со сопственикот на Панатинаикос Димитрис Јанакопулос, потоа следеше двочасовна средба со сопствениците на Олимпијакос Панајотис и Јоргос Ангелопулос.
Во изјавите за медиумите, сопствениците на клубовите изразија волја и надеж дека ќе продолжат финалните натпревари и нема да се прекине кошаркарското првенство.
По завршувањето на двете средби, алтернативниот министер за спорт на Грција посочи дека разговорите биле во „добра, конструктивна и суштинска клима“, но и нагласи дека приоритет на Владата е „непречено одржување на финалните натпревари и завршување на првенството во атмосфера на безбедност и спортско почитување“.
Од двата тима, вечерва излегоа со идентични соопштенија, во кое ја изразуваат нивната безусловна заложба за „апсолутно мирно и ферплеј завршување на финалните натпревари од првенството во Basket League 2024-2025“ и посочуваат дека имаат „апсолутна доверба во грчкиот правосуден систем за сите проблеми што се појавија“.
Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис во понеделникот соопшти дека се одложува третиот натпревар од финалето меѓу Олимпијакос и Панатинаикос, посочувајќи дека доколку не се обврзат сопствениците дека ќе се стави крај на оваа ситуација „првенство ќе биде прекинато“.
Олимпијакос и Панатинаикос во неделата го одиграа вториот натпревар од финалето во грчкото првенство, што беше засенет од вербалните инциденти меѓу сопствениците на двата тима.