
Ацо Боцевски – Циганот, кој е уапсен во Грција е жива македонска легенда од скопското подземје во деведесетите години од минатиот век.
Боцевски се прослави со упадот во дискотеката „Хард рок“.
Тој се бара по наредба на Основен суд Скопје І од 30.06.1998 година за издржување казна затвор во траење од 15 години за извршено кривично дело по член 123 (убиство) од КЗ на РМ.
Станува збор за убиството на Сеад Ибраими, трговец со кафе, кого го застрела оти претходно добил ќотек од него. Убиството се случи во ноември 1997 година, среде бел ден во центарот на Скопје. На настанот му претходеше автомобилска бркотница во која, покрај Боцевски, учествуваше и убиениот, Ибраими, со возило „мерцедес“, додека „Циганот“ го следел со „корвета“.
По кратката потера, Ибраими излетал од патот во близина на зградата на осигурителната компанија „Кјуби“. Во тој момент, Боцевски излегол од своето возило и го застрелал со повеќе истрели од пиштол.
Боцевски, иако осуден на затворска казна од 15 години на 30. јуни 1998 година, во време кога СДСМ беа на власт, беше буквално пуштен од домашен притвор и му беше овозможено да избега надвор од државата.