
Во нашите општества не треба да има место за омраза и екстремизам, а уште помалку за антисемитизам, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Ануар ел Ануни во одговор на прашање за коментар на изјава на израелскиот министер за надворешни работи дека нападот е резултат на „европското поттикнување омраза“ кон Израел.
Изразуваме сочувство до семејствата на жртвите и до израелскиот народ, изјави Ел Ануни, додавајќи дека и високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас изразила шокираност од настанот.
Во врска со односите на Брисел со Израел, Ануар потсети дека пред два дена на Советот за надворешни работи големо мнозинство од земјите членки го поддржаа предлогот на Холандија за преразгледување на почитувањето на обврските од израелска страна на Договорот за асоцијација меѓу ЕУ и Израел, врз основа на што високата претставничка Калас одлучи да започне со процес на преразгледување.
Преразгледувањето на исполнувањето на релевантните обврски според постоечкиот Договор од страна на Израел ќе го спроведат надлежните служби на Комисијата, во соработка со Европската служба за надворешни работи, истакна Ел Ануни.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, тој додаде дека не би сакал да шпекулира со рокови и засега не може да даде временската рамка во која би завршило тоа преразгледување, потенцирајќи дека процесот е веќе започнат.
Запрашана каков е ставот на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, кон ова преразгледување, главната портпаролка на ЕК, Паула Пињо одговори дека станува збор за процедура предвидена во член 2 од Договорот во однос на почитувањето на човековите права и нема потреба од став претседателката за ова прашање.
Тоа беше барање од неколку земји членки. Претседателката не го започна оваа преразгледување, па затоа нема потреба од нејзин став за постапката на преразгледување, што е веќе започната. Ќе мора да почекаме и да видиме каков ќе биде исходот од преразгледувањето и кои ќе бидат следните чекови, додаде Пињо.
На прашање во врска со ставовите на некои европратеници дека ЕУ не презема доволно мерки за обезбедувањето ефикасна хуманитарна поддршка за цивилите во Газа и за спречување на нивото страдање, Пињо истакна дека сегашната хуманитарната ситуација е неприфатлива и дека до цивилното население мора под итно да се достави помош, која повеќе од два месеци не пристигнала во Појасот.
Претседателката веќе апелираше за укинување на израелската блокада. Таа апелираше хуманитарната помош да не се политизира. Исто така, апелираше за обнова на примирјето и побара израелските заложници веднаш да бидат ослободени, за конечно да може да се стави крај на непријателствата, рече Пињо.
Портпаролката додаде дека Фон дер Лајен нагласи и оти единственото мировно решение за израелско-палестинскиот конфликт е моделот на две држави и дека ЕУ ќе продолжи да ги поддржува палестинските автономни власти со конкретни мерки.