Skip to main content

Сo дигиталната реставрација на филмот „Македонска крвава свадба“ Кинотека по 5. пат е дел од европскиот проект „Сезона на филмски класици“ 

 

На 78. Филмски фестивал во Кан, Асоцијацијата на европски кинотеки (ACE) ја претстави шестата сезона на проектот „Сезона на филмски класици“, филмска програма која промовира европско филмско наследство преку бесплатни проекции во кино салите ширум Европа и онлајн.

Оваа година, за македонската и светската публика ќе биде прикажан култниот филм МАКЕДОНСКА КРВАВА СВАДБА (режија: Трајче Попов, 1967), во нова дигитално реставрирана копија. Оваа македонска филмска класика е базирана на истоимената драма од Војдан Чернодрински, и претставува трогателна приказна за борбата за слобода, достоинство и национален идентитет во времето на османлиската власт.

Во фокусот е младата Цвета, девојка од село што е киднапирана од турски бег за да биде одведена во неговиот харем. Нејзината борба за слобода станува симбол на отпорот на целото население, прикажан преку драматични сцени, силна актерска игра и патриотска нарација.

Филмот е едно од најзначајните дела во македонската кинематографија, и неговата дигитална реставрација овозможува ова филмско остварување повторно да оживее пред публиката од сите генерации – во слава на македонската културна меморија.

Кинотеката со своето петто учество продолжува да биде активен придонесувач во европските културни соработки, овозможувајќи пристап до ретки и значајни дела на филмската уметност и промовирајќи ја важноста на филмското архивирање пред новите генерации.

„Сезона на филмски класици“ акцентот го става на зачувувањето на културното наследство и вклучувањето на младата публика во таа мисија. Проектот е поддржан од програмата Креативна Европа МЕДИА на Европската унија и оваа година вклучува повеќе од 40 новореставрирани филмови од 27 европски архиви. Од неми филмови, преку женски перспективи и документарни класици, до авторски дебитантски дела, програмата го претставува богатството и разноликоста на европската филмска историја.

Во рамки на „Сезона на филмски класици“, ќе се прикажуваат филмови од јуни до декември оваа година, кои ќе бидат проследени со разговори, мастер-класи, музика во живо и едукативни активности. Избраните наслови ќе бидат и со англиски превод, а ќе бидат бесплатно достапни и онлајн.

Целата програма е достапна на следниот линк: https://ace-film.eu/wp-content/uploads/2025/04/A-Season-of-Classic-Films_Programme-catalogue-2025.pdf

Поврзани вести