Skip to main content

„На ваков начин се гради државата“, Мицкоски за Договорот за стратешко партнерство меѓу Македонија и Обединетото Кралство

Договорот за стратешко партнерство меѓу владите на Република Македонија и на Обединетото Кралство ќе биде потпишан денеска во Лондон. Премиерот Христијан Мицкокси денеска истакна дека по потпишувањето ќе дојде во парламент пред пратениците, ништо нема да се злоупотреби.

-Дел од проектот е изградба на пруга која ќе ги поврзе Табановце со Гевгелија, реконструкција и модернизација на истата, завршување на Клиничкиот центар во Штип заедно со зграда за Медицински факултет и студентски дом. Изградба на болницата во Кичево заедно со здравствен дом и целосна реконструкција на Клиничката болница во Тетово. Тука не застануваме. Имаме уште најмалку 60 проценти од рамката која ни е на располагање. На ваков начин се гради државата, истакна Мицкоски.

Премиерот дециден во однос на прашањето за изградба на мигрантски кампови.

-Таква работа кај нас ќе нема, рече тој.

Договорот ќе го потпишат вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и британскиот министер за економија и извоз Герет Томас.

Посетата на британската престолнина Николоски кој предводи владината делегација во која се и потпретседателот на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, министерката за образование Весна Јаневска и директорот на ЈП за Железничка Инфраструктура Синиша Ивановски, официјално ја започна вчера со средба со претставници на Инструментот за поддршка на надворешното финансирање (УКЕФ) во британското Министерство за финансии.

Договорот што ќе биде потпишан денеска, порано неделава беше усвоен од македонската Влада, откако премиерот Христијан Мицкоски и неговиот британски колега Кир Стармер постигнаа согласност за стратешко партнерство на средбата одржана во рамки на Самитот на Европската политичка заедница во Тирана.

Договорот за стратешко партнерство меѓу двете земји, кој се оценува како историски, е резултат на повеќемесечни интензивни преговори меѓу дипломатски и експертски тимови од двете страни и претставува потврда за конкретна и долгорочна определба за зајакнување на билатералните врски и економската соработка со Обединетото Кралство.

Поврзани вести