
Најосновните трошоци на просечното четиричлено македонско семејство за еден месец скокнаа за 1.217 денари. Мајската минимална синдикална кошница достигна вредност од 63.908 денари, за разлика од априлската која изнесуваше 62.691 денар. А доколку пак живеат во изнајмен стан од 60 квадрати сумата е 79.283 денари.
Пресметките на Сојузот на синдикатите на Македонија покажуваат дека на месечно ниво трошоците за храна и пијалаци се повисоки за 954 денари. ССМ укажува дека откако истече рокот на владините мерки за ограничување на цените и на маржите дополнително се влошила положбата на работниците, особено на оние со ниски примања.
„Евидентно е дека без мерки, цените неконтролирано се зголемуваат, а предизвикот со високите цени особено на основните прехранбени производи прави огромен притисок врз ниските плати на работниците во Македонија“, посочуваат синдикалците.
Ако се земе предвид дека минималната нето-плата од март годинава е 24.379 денари, тоа значи дека тие пари претставуваат 38,15 отсто од вредноста на синдикалната кошничка. Или, за целосно намирување на потребите се неопходни 2,62 минималци. Од друга страна, со просечната плата од 43.053 денари, колку што е статистички утврдената за февруари, се покриваат 67,3 отсто од вредноста на кошничката. На четиричлено семејство му се потребни 1,48 просечни плати за основните трошоци за живот.
„Во услови на зголемени трошоци за живот, зголемената вредност на синдикалната минимална кошница, особено по завршувањето на мерките на Владата, упатува на тоа дека е потребен раст на платите. Денеска е повеќе од јасно дека за растот на платите не говориме само ние од ССМ, туку се погласно зборуваат работниците и граѓаните кои на свој грб ја чуствуваат оваа неправда“, истакнуваат од ССМ.
Синдикалната минимална кошница опфаќа 11 групи производи: храна и пијалаци; облека и обувки; станарина, вода, електрична енергија, и греење; лична хигиена и оддржување на хигиена во домот; здравје; транспорт; комуникации; рекреација и култура; образование; ресторани и хотели; останати стоки и услуги.