
На 19-ти мај, Денот на сеќавањето на големиот реформатор и основач на Турската Република, Кемал Ататурк, како и Денот на младите и спортот, којшто го слават припадниците на турската заедница, Сиљановска-Давкова ги посети OOУ „Мустафа Кемал Ататурк“ и здружението „Адексам“ во Гостивар и оствари средба со жителите на селото Горна Бањица.
Во обраќањето пред присутните, таа истакна дека образованието на мајчин јазик е претпоставка за зачувување на националниот и културниот идентитет и им укажа на учениците и родителите дека нема подобра инвестиција од влогот во знаењето.
Во училиштето, со најмногу ученици од турската заедница и настава на турски, македонски и албански јазик, претседателката беше запознаена со неговиот развој, капацитети и персонал, а потем ја проследи прекрасната приредба, колаж на ора, музички точки, ораториум и рецитирање.
За неа, но и за директорот на училиштето, мултикултурниот амбиент е одлична средина за градење соживот.
За успесите и проблемите на турската заедница во земјава, таа разговараше со претставниците на турските здруженија од Гостивар. Тахсин Ибрахим, претседател на здружението „Адексам“ и на Сојузот на турските невладини организации во Македонија (МАТУСИТЕБ), информираше за нивното повеќедецениско дејствување во областа на културата и образованието.
Посочувајќи ги главните предизвици во основното и средното образование, Ибрахим истакна дека и покрај исполнетите услови во одредени општини нема настава на турски јазик. Во разговорот беше укажано на потребата од доследна примена на начелото на правична и соодветна застапеност на Турците во државните органи и институции.
Претседателката ги охрабри во гласноста на обзнанувањето на проблемите и вети лична заложба во нивното адресирање, обзнанување и надминување.
Во Горна Бањица, Сиљановска-Давкова нагласи дека високо ја цени традиционалната лојалност на жителите од овој крај кон државата и го поздрави придонесот во негувањето на турската култура, на здруженијата „Алтин Пармаклар“ и „Намик Ефенди“.
Присутните изразија незадоволство од експропријацијата на плодното земјоделско земјиште за потребите на изградбата на инфраструктурата со пренизок надомест.