
Во македонската амбасада во Пекинг денеска се одржа настан за одбележување на Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј, кој се празнува на 24 Мај.
Нашиот амбасадор во Пекинг Сашко Насев го истакна значењето на овој значаен празник за нас и за нашиот јазик, идентитет и култура, јави известувачот на МИА од Пекинг.
Студенти по македонски јазик од Универзитетот за странски студии во Пекинг ги рецитираа стиховите на „Букви“ од Гане Тодоровски, „Глаголица“ од Анте Поповски и „Везилка“ од Блаже Конески, а ученици и професори од Меѓународното училиште Тсингуа и Британското училиште во Пекинг ги кажуваа стиховите на „Т’га за југ“ од Константин Миладинов, „Ветрот носи убаво време“ од Ацо Шопов и „Тешкото“ од Блаже Конески.