
Денес сме тука да ја одбележиме 20-тата Годишна конференција на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, организација која е дел од срцето на партијата и главен меѓник и заштитник на женските права, но и она што преставува фундамент на нашите политики, семејството, мајката, жената борец.
И во таа смисла за мене како човек, но и за сите други го носиме силното уважување и правиме длабок поклон на жените кои низ времињата биле моторот кој усмерувал, истрајувал низ сите бури и премрежја, неретко опишувани од многу пера, како хероини кои со мудрост, силна волја и нескршлив ентузијазам се вградувале низ сите процеси во нашата татковина. И денес кога ве гледам во колкав број и со каква енергија сме тука јасно е дека идејата е се уште жива, а мотивот поголем од било кога, и секоја една жена ја носи громогласната порака дека Македонија мора да успее. Македонија мора да успее. И тие победи мора да се случуваат секој ден, сантиметар по сантиметар, чекор по чекор, непрестајно да се бориме за нашата иднина.
Многу сум благодарен на секој член на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, на претседателката Жаклина Пешевска со која заедно сработивме многу. Благодарен сум и на сите претседателки на УЖ од минатото, секоја остави дел од својот живот, секоја остави дел од своето време да посвети на ВМРО-ДПМНЕ и Македонија.
Ви благодарам за се што правевте изминативе години за ВМРО-ДПМНЕ и за Македонија. Сите вие се вложувате себеси во нашите политики и верувања, во наште подвизи, и реформи, многупати и мачни опстојувања да ги исправиме работите, зад кои стои единствено љубовта кон татковината и енергијата да ја искористиме оваа последна шанса за Македонија.
И ова го кажувам во година на доста случувања, година во која ВМРО-ДПМНЕ ја презема власта во државата, после победата на парламентарни избори лани, кога граѓаните одлучно и недвосмислено го испратија во опозиција тандемот кој ја руинираше државата, и чии непоправливи штети во скоро сите области ги чувствуваме и денес кога се обидуваме да се справиме со истите. Цела година затвораме дупки во буџетот, пополнуваме и враќаме долгови, подготвуваме реформи и измени на закони во многу области за да се обидеме да постигнеме две клучни работи кои се одговор на она наследството на хаос, анархија и економско пропаѓање, се обидуваме да воведеме ред и да донесеме развој.
Работиме поветено и одговорно, свесни за обврската и одговорноста која сме ја презеле, но и задолжени кон граѓаните и кон идните генерација затоа што оваа наша борба не е и нема да биде борба само на една генерација, наше е да го направиме најдоброто што можеме да поставиме темели и да ги вратиме вистинските вредности во политиката и општествениот живот, на почитување на законите, работа и посветеност за и кон сопствениот народ и држава, принципиелност, чесност, доследност, и како што кажав да воведеме ред и да отпочнеме сериозен развој напред. Сето ова е возможно и ни е на дофат, и се зависи исклучиво од нас самите. Од примерите кои лично ќе ги даваме и од работата која ќе ја завршиме со која ќе оставиме трага за почит од идните генерации.
Знам дека има превисоки очекувања и свесен сум за состојбата во која се наоѓа државата, како и за разочарувањата кои народот ги доживувал, но ве уверувам дека правиме максимум да ја исправиме државата и да ја насочиме на вистинскиот пат, на правиот колосек, и во тоа ви ветувам ќе успееме.
Свесен сум дека има и работи кои не ни поаѓаат од рака, барем не така брзо како што и ние а и граѓаните сме очекувале и предвидувале, но знам дека ќе успееме, затоа што немаме избор, изборот е јасен, изборот е работа, труд, посветеност, лојалност кон сопствениот народ, изборот е Македонија. И ве уверувам сите дека полека но сигурно доаѓа ВРЕМЕТО НА МАКЕДОНИЈА, ДОАЃА ВРЕМЕТО НА МАКЕДОНИЈА. Доаѓааат моментите во кои можеме да кажеме, да, ова е мојата Македонија, и со гордост да кажеме, останувам тука, тука е мојата земја, и има надеж за нејзе, има надеж за сите нас! И ова е за вас, за обесправените, понижените, за оние за кои ја враќаме надежта.
Го слушам вашиот глас и тоа ми дава поттик и храброст да продолжам, да се справувам со предизвиците, да ги решаваме проблемите, да ги воочуваме нашите грешки, да се поправаме и ние, да учиме, но и да ги подобруваме работите.
На нашите функционери не ретко им велам, народот сака да види дека сме различни од претходните, дека сме пристојни и дека сакаме да подобриме нешто, да ја подобриме државата и системот, граѓаните се мудри и знаат што наследивме, но истовремено ако видат забеганост и ако видат дека не си ја вршиме работата посветено онака како што очекуваат, верувајте и нас ќе не казнат. Не е страшно да се погреши, никој не очекува од нас да сме безгрешни, како што е и нормално и очекувано да се реагира брзо и да се исправи грешката, но ние немаме ни време ни простор да правиме големи грешки и во велам дека такви големи грешки нема да толерирам грешки.
Го кажувам тоа јасно и децидно секогаш, а и сега. Ќе ја санкционирам како претседател на Владата, секоја забеганост, ќе ги разрешам сите оние кои ќе не посрамотат како структура и како луѓе, примерот за промени мора да го дадеме ние, и од секој од нас зависи како и со каков интензитет ќе се случуваат промените.Затоа денес од овде најавувам дека веднаш по редовниот конгрес кој ќе се одржи на крајот од оваа годинава, најдоцна почеток на следната година ќе има голема промена во партијата и во Владата. Кој ќе се покаже со својата работа ќе остане, но тие што нема да ги исполнат очекувањата на граѓаните ќе ги поздравам и ќе им се заблагодарам. Го кажувам уште сега, за да се знае и да испратам порака дека единственото нешто што вреди, единствено најголемо нешто што човек може да го остави зад себе е образот и честа. И ќе дадам се тоа да остане најчистиот дел од нашата работа. Тоа сите заедно му го должиме на народот.
Немаме време за губење и немаме простор да создаваме нови разочарувања кај луѓето кои веќе со децении наназад се изгорени од разни неискрени и корумпирани политичари.
Свесен сум дека во Македонија тешко се живее. Свесен сум дека животот е скап. Да не преземевме некои мерки, и да беа другите од претходно на власт, како беше тргната работата, ќе заглавевме во уште поголеми долгови и инфлација и ќе се случеше целосен банкрот. И ова не го кажувам како изговор, туку како поглед кон реалноста, како израз на свесност како се живее, и во кои услови ние сега работиме.
Планираме сериозни мерки во делот на цените и стандардот. Преку раздвижување на економијата и сетови на мерки за подобар стандард. Планираме многу нови проекти кои ќе помогнат на компаниите да растат, да создаваат работни места и да ги зголемуваат платите, тоа е нашата идеологија, да помагаме на компаниите за да создаваат раст и добри работни места и да ја движат економијата, затоа што веруваме во потенцијалите на луѓето, веруваме во нивната иновативност, креативност, претприемачки дух, и ќе вложуваме многу во поттикнување на мали и средни бизниси и ќе вложуваме во луѓето преку финансиска поддршка, грантови, субвенции, директни финансирања на проекти, но и образовни програми и едукативни курсеви за да се подготват нашите луѓе за времето кое го живееме, време на вештачка интелигенции, иновативни техонологии, комуникациска револуција.
Драги пријатели, браќа и сестри, би сакал да се задржам на неколку политички теми:
Прво, пред нас се локалните избори. ВМРО-ДПМНЕ се подготвува за избори интензивно. Кандидатите за градоначалници ќе ги објавиме во два циклуси, а првиот ќе започне крајот на месецов по одржани состаноци на ИК и ЦК на партијата. Тоа што можам да го соопштам и кое ми е чест и задоволство но и голема обврска и товар истовремено е дека нашите кандидати било каде во сите општини речиси водат најмалку 3 до 4 пати, споредено со кандидатите од опозицијата. Не само што водат нашите најдобри кандидати, туку водат и останатите двајца, тројца, четворица коишто се на листите коишто се споредуваат со евентуалните кандидати, коишто ќе ги предложи опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ победува на овие избори, а опозицијата прашање е дали ќе освои 2,3 или 4 општини. А ако продолжи вака како што тргнале нема да бидам изненаден ако не освојат ниту една општина.
Второ, го гледам, иако гласно не го коментирам она постојано заканување кое доаѓа од еден лик од албанската опозиција кој знае дека после овие избори го чека политичка пензија. Што се однесува до заминувањето на Арбен Таравари од владата е еден потсетник за сите нас дека додека ние настапуваме искрено и принципиелно кон луѓето и промените, тие не се заинтересирани за идеја, визија и промени, туку за нешто друго. Сакам да му порачам дека неговите калкулации на долг рок нема да му испаднат добро за неговата партија. И дека со ваквото однесување на излегување и влегување во влада, кое е рамно на она “како до сега”нема да помине долго кога и неговите сегашни партнери од ДУИ ќе го сфатат и дека нивното партнерство е со времен карактер и нормално дека тоа ќе трае додека не добие подобра понуда или додека нема некоја друга уцена за нешто и ќе му се заблагодарат не далеку од сега. Јас таква политика не водам. Можеби звучам наивно, но како што секогаш говорам промените започнуваат од нас, и ние треба да бидеме она што сакаме да го постигнеме, и тоа што граѓаните го очекуваат од нас, искрени луѓе, кои нема да калкулираат и да играат игри, и преку интигри, уцени, злоупотреби ќе се одржуваат на власт, туку ќе ја кажуваат вистината секогаш и ќе бидат принпципиелни и доследни на својот збор. Ако не сме доследни на зборот, тогаш за бадијала ни е се. А јас таков ќе бидам.Многумина ми велеа откачи го брзо Таравари, тој сака да седи на две столици, да остане во Владата, а истовремено ДУИ да му поддржи 5 градоначалници, преку не кандидирање на свои и така да го засили во базата, тоа што ДУИ го бара од него е да објави дека на листата на советници ќе оди сам, за да можело ДУИ да брои советници повеќе во однос на ВЛЕН. Доколку тоа се случи, иако убеден сум дека и тоа нема да се случи. Замислете каква стратегија? Како бројот на советници да треба да ме убеди мене дека треба да ги земам од ДУИ во владата, а не принципи, програма, и заеднички цели!? Зарем тие мислат дека јас ќе заборавам како Бујар Османи го продаваше мојот македонски идентитет, зарем тие мислат така ќе помине тоа. Но тоа е, одлучил Арбен да биде маша на ДУИ и да ги одржува во политички живот сите оние за кои тој лично најлоши работи има зборувано, навистина штета. Но, како одлучиле така нека тераат, јас не сум загрижен само може да бидам разочаран, но ова нема да ми ја промени вербата во луѓето и во нивниот збор. Јас сум непоправлив оптимист, јас верувам во луѓето и верувам во нивниот збор.
На пријателите кои ми велеа побрзо да го тргнам од владата, јас им велев ако, оставете го Таравари нека размислува, нека се врти како риба прескочица на суво, нека измислува изговори, па да видам како ќе се обиде да ја префрли топката, вината што си оди од кај нас, па да го видам како ќе ме погледне во очи после се низ кое јас и тој како пријатели сме поминале, срамот е кај него, тој треба да објаснува, а не јас. Нас ние душата и совеста чиста. Кај мене зборот е збор, ако дадам збори и ветам мора да исполнам, дури и по моја штета, не можете секогаш во животот да добивате некогаш и ќе губите. Тоа не прави различни тоа ги разликува луѓето и ги прави тоа што се.
Но, очигледно ДУИ има свои методи на убедување. Знаеме сите кои се тие. Изгледа Ахмети е толку речит и мудар политичар штом вака лесно импресионира еден квалитетен доктор да направи ваква вратоломија и да ризикува за две, три години од сега неговата партија да биде маргинализирана, а неговите луѓе заборавени или претопени во ДУИ, затоа што ако сега во ВЛЕН немале простор како што вели Таравари, каков ли простор ќе имаат кога ќе влезат во партнерство со Артан, со Бујар, со Села и со останатите. Како ли ќе седат таму и како ли ќе може да ги гледаат во очи, после сето тоа што го зборуваа пред мене. Но ете тој си има своја калкулација, или пак Али е нешто посебно убедлив и го воодушевил, импресионирал, да не речам маѓепсал и одлучил така дека поважно му е да има 5 градоначалници и да им направи услуга на ДУИ, отколку да држи збор и принципи.
Некој ќе рече се си има своја цена, но тоа не важи за мене. За мене зборот и принципите немаат цена. Но тоа е што е.
Владата продолжува уште појака и уште по обединета во оваа следна фаза на наше организирање и оваа битка против политичарите кои користат интриги, уцени, корупција, и од кои на граѓаните им е преку глава, ќе продолжи, затоа што ова не е етничка или верска битка. Не е ниту идеолошка. Туку ова е една битка на едно базично ниво, на бандити од едната страна и Македонија и сите нејзини чесни граѓани, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Бошњаци и останати на другата страна.
Со среќа нека му е на Таравари, тој го одбра својот пат. Никој никому не може да направи толкава штета, како што човек може сам на себе си да си направи. Тоа имам нему и на сличните на нему да им го препорачам. Ќе дојде денот кога пак ќе се сретнеме дали преку ВЛЕН или во други комбинации ќе се обиде повторно го знам, чувствувам тоа, да најде начин да влезе повторно во коалиција со нас, но едвај го чекам тој ден, да сме здрави и живи, верувајте ми дека и тој ден ќе го дочекам.
Третата тема на која сакам денеска да се осврнам е историскиот ден кога со британскиот премиер постигнав согласност за стратешки договор со Обединетото Кралство за пријателство, економски раст и соработка во повеќе области кои се од клучно значење за државата.
И само да ги поздравам оние од опозицијата, кои години и години потрошија на градење лага за наводно антизападното ВМРО-ДПМНЕ. Сите три клучни договори за Македонија и тој за стратешко партнерство со САД и договорот за партнерство со ЕУ во безбедноста и одбраната од 2024-та лани и овој договор за стратешко партнерство со Обединетото Кралство ги донесоа владите на ВМРО-ДПМНЕ.
Овој договор почитувани, со Велика Британија, многумина а и јас го нарекуваме историски договор од повеќе причини. Еден од моите соработници дури кога дискутиравме за оваа работа отиде чекор понатаму и заклучи дека ако имаше државата од 90-тата до денес вакви договори многу поразлично ќе се движеа работите и патот за нас.
Овој договор е мојот НОВ ДОГОВОР ЗА МАКЕДОНИЈА, по примерот на оној кој го обзнани американскиот претседател Рузвел и кој е познат во историјата. Овој договор значи отворање на работни места, развој, напредок, многу нови инфраструктурни проекти, многу големи гигантски проекти какви што досега немало, инвестиции во железници преку брзи пруги, автопати и патишта, болници, образование и што ли уште не. Ова е договор кој на Македонија ќе и донесе пари за да работи и инвестира во својот напредок во вредност од 6 милијарди евра! Повторувам, 6 милијарди евра!
Ова е договор кој значи и безбедност и безбедносна соработка со нашите пријатели од Британија што е многу значајно од многу аспекти.
Ова е договор кој ќе донесе инвестициска револуција во државата, еден вистински историски инвестициски циклус со кој Македонија ќе работи, ќе се гради, ќе се развива, ќе напредува. Нешто коешто е многу значајно.
Секако, не очекував дека од опозицијата ќе излезат и ќе го поздрават сето ова. Нормално, очекував тоа што се случуваше, хорски настапија со идентични наслови критикувајќи го ова. И тоа изворот се оние кои лажно се прикажуваа за корифери на западната мисла овде, за сега да не критикуваат зошто сме биле на инаугурација на претседателот Доналд Трамп, од каде сега договори со Обединетото Кралство, зошто сме правеле така, зошто сме правеле вака. Замислете, седеле, анализирале и во паника и агонија некој од нивните генијалци смислиле, аха ќе граделе мигрантски кампови.
Нешто кое на памет ниту ми паднало ниту пак некој побарал од нас, а тоа впрочем вчера многу јасно и гласно го кажа амбасадорот на Обединетото Кралство. И сега, наместо да се извинат, тие продолжуваат и понатаму во својата бедна агонија и во својата бедна реторика.
Но, сакам да им порачам ние создаваме пријателства, тие ги менуваат своите пријатели, нема да ме зачуди на крај да не критикуваат зошто немаме партнерство со Бурунди. Уште тоа им остана, со сета чест и почит кон Борунди како држава.
Четврто, сакам да предупредам дека многу нечовечки и безобразно, некрофилски ја злоупотребуваат огромната трагедија која што се случи во Кочани. Тоа можев и да го чујам од роднините на настраданите кои минатата недела, дојдоа кај мене во просториите на владата. Со огромна почит кон тие луѓе и отворен разговор, споделувајќи ја заедничката болка заради трагедијата која се случи, дискутиравме за повеќе аспекти и за она кое е во надлежност на владата и можности да се помогне во расчистување на случајот и да се помогне на семејствата во справување со тагата и предизвиците на животот во една ваква ситуација. Оваа трагедија не смее да се злоупотребува, и сите кои имаат своја вина која придонела да се случи ваква трагедија мора да одговараат. Системот мора да се менува и да има правда, и во тоа заеднички сме одлучни и ние сме подготвени заеднички да продолжиме да работиме и да комуницираме, да помагаме за се поврзано со нив. Тоа беше исклучително тешка средба за мене, разговарајќи со нив, душата ми плачеше, а стисокот на нивната рака ми е потпора и на мене во нашата заедничка борба за доброто на оваа наша заедничка татковина.
Во периодот кој што следи ќе имам редовни состаноци со родителите, сите оние, се разбира, кои што сакаат да дојдат и да разговараме. Оние коишто, од оправдани причини, не сакаат ќе појдам јас кај нив. Периодов и јас лично и Владата, стоиме на располагање, се што е потребно да направиме и да не дозволиме, оние политички глодари и некрофили да ја злоупотребуваат политички оваа трагедија која што се случи. Не смееме да дозволиме политичка злоупотреба.
Затоа, сите вас присутни овде, но и сите македонски граѓани ги повикувам, сите сме Кочани и сите треба да направиме нешто за Кочани. Јас како Влада ви ветувам дека ќе сторам се што е во наша моќ да направиме за тие луѓе и за Кочани. Кочани е Македонија, Кочани е се за нас и така ќе продолжиме да се однесуваме.
Драги браќа и сестри, Македонија мора да успее! И наша заедничка одговорност имаме за тоа!
Ако не се поддржуваме и ако не се грижиме едни за други, како соседи, роднини, пријатели, ако не си кажуваме добар збор, ако не се поттикнеме кога ни е најтешко, тешко дека ќе успееме.
Но, јас знам дека можеме. Тоа го знам од стотиците средби кои ги имам сиот овој изминат период, од стисокот на раката од луѓето со кои се среќавам, од погледот во нивните очи и борите на нивните чела, луѓе кои чесно живеат и работат, се трудат, си ја сакаат својата земја, од вас граѓаните на Македонија и од вас мои сопартијци, вашата енергија, вашите очекувања и искра на надеж, ми се врежани во мојот ден, во мојата личност, и знам дека можеме и дека ќе успееме. Знам дека Македонија ќе успее и Македонија ќе победи! Македонија мора да победи! Затоа ве повикувам да истраеме заедно и да работиме во ова ВРЕМЕ НА МАКЕДОНИЈА! Кога сите ќе ја демонстрираме нашата посветеност кон нашата заедничка кауза, кон нашата заедничка Македонија!