Skip to main content

Тивок марш во чест на младите кои трагично го загубија животот во пожарот во клубот „Пулс“

„Системот убива – институциите молчат“, е пораката од денешниот протестен марш на ангелите во Кочани. По шести пат се маршира во чест на младите кои трагично го загубија животот во пожарот во клубот „Пулс“.

Денеска немаше обраќање на родителите според кои тоа е нивниот тивок, но јасен одговор на како што велат, игнорантниот однос на надлежните, кои сè уште немаат понудено одговорност за трагедијата.

Учесниците на Маршот носеа транспаренти со пораки како „Нема трагедија, има злосторство“ и „Пожарот ги зеде телата, системот ги уби душите“.

Во чест на настраданите, особено на келнерите кои животот го загубија работејќи, се одржа и симболична трка на келнери, поддржана од неколку угостителски објекти од Кочани.

– Ова не беше натпревар, туку гест на почит. Нашите колеги беа херои – работеа со насмевка и останаа до крај. Овој марш е наш заеднички глас против молкот и неправдата, изјави Јане Гицев, организатор на трката.

Протестот заврши таму каде што започна – во Паркот на Револуцијата, каде со едноминутен молк и громогласен аплауз им беше оддадена почит на загинатите и поддршка на семејствата кои упорно ја бараат вистината.

Поврзани вести